Попишување на новинарската популација во Македонија, проблемите со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници, состојбата со нивните работнички права, со ресурсите со кои располагаат и други наоди од обемно истражување на медиумскиот сектор беа презентирани на конференцијата „Социо-економската сигурност – услов за професионално новинарство“ која во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот РЕСИС се одржа денеска (среда, 24.01.2024) во Скопје.
Конференцијата беше организирана во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“ финансиран од Европската Унија.
![](https://cdn.ssnm.org.mk/wp-content/uploads/2024/01/dsc_3794.jpg)
Конференцијата ја отворија претседателот на ССНМ, Павле Беловски и амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир.
„Без вас, професионалните новинари, нема демократија. Но, за да може новинарите да можат да ја вршат својата работа правилно, политичките и социо-економските услови мора да бидат исполнети“, рече Гир во своето обраќање.
„Фер работни услови за новинарите не се луксуз, туку суштествени за професионален и динамичен медиумски сектор. Задоволство ми е што се приклучив на дискусијата за подобрување на економските и социјалните права на новинарите“, додаде Гир.
![](https://cdn.ssnm.org.mk/wp-content/uploads/2024/01/dsc_3769.jpg)
Претседателот на ССНМ, Беловски рече дека заклучоците од обемното истражување го покажуваат она што му било познато на ССНМ, но сега тоа првпат се нотира и се става на хартија.
„Економската неизвесност и натаму е предизвик за новинарите и медиумските работници, а фокусот треба да остане на унапредување на нивните работнички и социјални права. Социо-економската независност и стабилност на новинарот/медиумскиот работник е основно за нивната професионалност и професионалните стандарди за нашата професија и влијае на интегритетот, рече Беловски.
![](https://cdn.ssnm.org.mk/wp-content/uploads/2024/01/dsc_3775.jpg)
На првиот панел од конференцијата преку видео врска се обрати и Претседателката на Европската федерација на новинари, Маја Север која рече дека е многу важно да се осигура независноста и одржливоста на медиумите преку заштита на социо-економската состојба на новинарите.
„Само преку заеднички напори на медиумските организации, граѓанското општество, независните синдикати, па дури и соработка и преговори со државните власти можеме да создадеме клима/опкружување во кое новинарите може да ја остварат својата улога на стражари на вистината и стражари на јавниот интерес“, рече Север.
![](https://cdn.ssnm.org.mk/wp-content/uploads/2024/01/dsc_3811.jpg)
Од поважните податоци од истражувањето кое заеднички го спроведоа ССНМ и РЕСИС кои беа презентирани на конференцијата се:
- Вкупно во медиумскиот сектор попишани се 3.146 работни позиции.
- Од нив 1.694 се новинарски позиции, додека 1.452 се позиции на медиумски работници.
- Онлајн медиумите вработуваат 20,2% од вкупно 1.039 редовно вработени новинари во медиумската индустрија.
- Од вкупно 1.072 редовно вработени медиумски работници, дури 72,3% работат во МТВ и во телевизиите кои емитуваат програма на национално ниво.
- Од вкупно 1.039 редовно вработени новинари 56% се жени, а од вкупно 1.072 редовно вработени медиумски работници 70% се мажи.
- Од попишаните 681 работна позиција во онлајн медиумите само 39,1% се редовно вработени новинари и медиумски работници.
- Од вкупно попишаните 240 работни позиции кај локалните и регионалните ТВ станици, 58% се хонорарни позиции.
- Од попишаните 139 новинарски работни позиции кај локалните и регионалните ТВ станици, 61% се хонорарни позиции.
- Во вкупно 32 локални и регионални ТВ станици редовно се вработени само 54 новинари. За овој супсектор е потребна нова стратегиска рамка и нова регулаторна политика бидејќи тој е на изумирање и отвора ризици за работничките права на новинарите.
- Секоја локална или регионална ТВ станица вработува во просек по 1,69 новинари.
- Од вкупно попишаните 252 работни позиции кај локалните и регионалните радио-станици, 60,7% се хонорарни позиции.
- Од попишаните 177 новинарски работни позиции кај локалните и регионалните радио-станици, 63,28% се хонорарни позиции.
- Во вкупно 62 локални и регионални радио-станици редовно се вработени само 65 новинари. За овој супсектор е потребна нова стратегиска рамка и нова регулаторна политика бидејќи тој е на изумирање и отвора ризици за работничките права на новинарите.
- Секоја локална или регионална радио-станица вработува во просек по 1,05 новинари.
- Околу половина од новинарите и 70% од медиумските работници имаат примања под просечната месечна плата во РСМ (37.065 денари, мај-октомври 2023).
- Редовноста на платите не е проблем за најголемиот број испитаници (85%). На 12% платата им доцнела најмногу до еден месец.
- Надоместок за прекувремена работа (постојано или често) не им се исплаќа на 38% од новинарите и на 36% од медиумските работници.
- На 46% од вкупниот број испитаници никогаш или ретко им се исплаќал надоместок за работа во празници.
Во продолжение можете да го проследите телевизискиот прилог и вклучувањето во живо на Македонската телевизија од конференцијата „Социо-економската сигурност – услов за професионално новинарство“.
![](https://cdn.ssnm.org.mk/wp-content/uploads/2024/01/rabotnichki-prava-za-nezavisno-novinarstvo.png)