Претставници на невладини организации кои работат во областа на животната средина и климатските промени и новинари од различни медиуми учествуваа во вторникот, 5 март 2024 година, на дискусија организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и JournalismFund.
Средбата со наслов „Улогата на медиумите за време на еколошки кризи“ беше организирана во рамките на проектот „Обучување на медиумските работници во Македонија за известување за климатските промени и животната средина“ и беше искористена за меѓусебно запознавање, како и за предлози за засилување на соработката во областа на животната средина.
Претставниците на невладините организации имаа кратка презентација на областите во кои работат, а потоа укажаа на „жешките“ теми за кои е неопходно да се известува бидејќи тие ги засегаат сите граѓани во државата.
На средбата исто така се дискутираше и за потребата од подигнување на свеста за важноста на темите од животната средина и климатските промени, особено кај медиумите, кои и покрај сите пречки треба да се трудат оваа тема да ја кренат повисоко на агендата.