Под покровителство на ССНМ тргна иницијативата за формирање на Мрежа на жени во медиумите

Датум

Утврдени визијата, мисијата и целите на Мрежата на жените во македонските медиуми која во прво време ќе дејствува во рамките на ССНМ

На иницијатива на Самостојниот синдикат на новинари и медиуми (ССНМ) изминатиот викенд, на 2 и 3 ноември 2024 година, на Попова Шапка се одржа дводневна работилница на која беа поставени темелите за формирање на Мрежа на жени во медиумите во Македонија.

На работилницата учествуваше и Маша Милеусниќ од „Новинарки против насилство“ од Србија која ги сподели искуствата од формирањето и дејствувањето на тамошната организација, како и начините на одбрана и заштита на правата на жените во медиумите, но и во општеството.

Дваесет колешки од 20 македонски медиуми, и гости од регионот беа дел од плодната дискусија низ која провејуваше општа констатација дека на нашиот медиумски простор му е неопходна организација која, покрај постојните еснафски, ќе се грижи за правата на жените, за кои бевме сведоци и со најконкретни сведоштва од присутните, и натаму секојдневно се нарушуваат.

Освен искуствата на организацијата „Новинарки против насилство“, на работилницата своите искуства ги пренесоа и од Мрежата на ангажираните во медиумите од Косово и од ПИНА, што беше добар показател и насока за процесот на оформување и начинот на делување на телото кое треба да биде додадена вредност во обидот да се изборат правата на жените од медиумите кај нас.

Учесниците на иницијативата на Попова Шапка ги утврдија визијата, мисијата и целите на Мрежата на жените во македонските медиуми, се договорија во првиот период да делуваат неформално и заради практичност и користење на организациските ресурси да бидат во рамките на ССНМ кој сесрдно ќе помага околу заживувањето на организацијата. На работната средба беше избрано и координативно тело од девет членки кое ќе го продолжи процесот на оформување, а наскоро и ќе излезе со објава за почеток на работата на Мрежата на жени во медиумите.

Останати
објави

Сподели на...