Потребни се законски измени за спречување на неказнивоста на нападите врз новинарите

Датум

Претставници на Самостојниот синдикат на  новинари и медиумски работници (ССНМ) Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), вчера се состанаа со министерот за правда Бојан Маричиќ на која разговараа за подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници и влијанието на политичките партии на независноста на медиумите.

Една од темите на состанокот беше барањата на новинарските организации за измена на Кривичниот законик преку кои медиумските професионалци ќе бидат опфатени со посебни одредби во однос на нивната безбедност. Беше договорено ЗНМ и ССНМ да бидат дел од работната група за дефинирање на одредбите од овој закон во делот на кривичните дела кои се однесуваат на различните форми на напади и закани по безбедноста на новинарите и медиумските работници.

Барањето на двете организации е промените во Kривичниот закон да бидат во насока на тоа нападите и заканите кон новинарите институциите да бидат должни да ги истражуваат и санкционираат по службена должност, а казните кон напаѓачите да се поголеми.

„Институциите мора да ја адресираат неказнивоста и да бидат поефикасни кога станува збор за нападите и заканите кон новинарите бидејќи само така медиумските професионалци ќе можат слободно и без притисоци да ја извршуваат својата работа која е од јавен интерес“, истакнаа од ССНМ.

ЗНМ и ССНМ исто така изложија аргументи во кои насоки треба да бидат измените на Законот за клевета и навреда со цел дополнителна заштита на новинарите, но и на Изборниот закон во делот на платена политичка програма. Претставниците на новинарските организации укажаа на негативните последици од јавните пари за платена политичка програма потсетувајќи дека на овој начин се корумпираат медиумите и се влијае на нивната уредувачка политика.

Претседателот на ЗНМ, Чадиковски истакна: „политичките партии на последните избори си направија приватна журка во медиумите со нивните партиски кампањи а сето тоа беше на трошок на граѓаните а јавниот интерес не беше запазен“.

Министерот Маричиќ се заложи во работните групи за измена и дополна на овие закони да има членови од ЗНМ и ССНМ кои ќе можат да ги изложат своите аргументи за барањата во насока на подобрување системските решенија во секторот. Според министерот, дел од  законите ќе се донесат до крајот на оваа година, а останатите кон почетокот на наредната.

Останати
објави

Сподели на...