Повик за учество на работилница во Битола за правата на локалните новинари и медиумски работници

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници отвора повик за учество на дводневна работилница за „Правата и безбедноста на новинарите од локалните медиуми и вмрежувањето како начин за акција“.

Настанот ќе се одржи на 1 и 2 јуни 2024 година во хотелот „Молика“ во Битола, а право на учество имаат колегите новинари и медиумски работници од локалните медиуми и дописници на медиумите од Македонија без оглед на моменталниот ангажман и позиција, на возраст и на тип на медиум во кој работат.

Целта на обуката е низ регионални работни средби да се подигне свеста за работничките и професионалните права на новинарите и медиумските работници од локалните медиуми, како и да се постават основи за заеднички настап и акција за подобрување на работните услови. ССНМ на обуките со колегите ќе понуди и модели на вмрежување преку кои полесно ќе се остваруваат правата, а на овие настани ќе ги користи и услугите на експерти од областа на граѓански организирања, идентификување на проблемите и постапување во рамките на истите.

Рокот за пријавување е 27 мај 2024 година, а сите заинтересирани треба да испратат кратка биографија на електронската пошта на ССНМ: ssnm.info@gmail.com. Сместувањето и превозот се целосно обезбедени од организаторот. За дополнителни информации во врска со обуката можете да нѐ контактирате на истата е-пошта.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ оваа обука ја организира во рамките на под-грантот „Зајакнување на интегритетот и безбедноста на локалните новинари/ки и медиумски работници“ дел од проектот „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“ финансиски поддржан од Европската Унија, а во реализација на Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ и партнерските организации, Иницијативата за европска перспектива – ИЕП, и Европската федерација на новинари – ЕФН.

Останати
објави

Сподели на...