Повик за учество на тренинг за известување за животна средина и климатски промени

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници отвора повик за учество на две одвоени обуки за известување за животна средина и климатски промени на тема: „Што се случува со климата и зошто е тоа важно за новинарите“.

Тренинзите ќе се одржат на 4 и 5 ноември 2023 година и на 11 и 12 ноември 2023 година на Попова Шапка, а право на учество имаат новинари и медиумски работници од целата земја без разлика на моментален ангажман и позиција, на возраст и на тип на медиум во кој работат.

Целта на обуката е новинарите и медиумските работници да се стекнат со теоретски и практични знаења од областа на животната средина и климатските промени, област која се повеќе добива на значење. Обуката вклучува идентификување на личните и професионалните предизвици при известување за климатските промени, идентификување потенцијални стории, начинот како да се третираат и развиваат идеите за стории за животната средина, потенцијалните можности и трошоци при специјализирање за известување за животната средина и климатските промени.

Предавач на обуката ќе биде медиумскиот консултант и поранешен новинар на Би-Би-Си, Кевин Бурден кој има повеќе од 30-годишно новинарско искуство во областа, како и 20-годишно искуство од областа на обучување на новинари за покривање теми од областа на животната средина. Досега има обучено над 4.000 новинари ширум светот, а автор е и на онлајн курсот за Би-Би-Си њуз за покривање на климатските промени кој е задолжителен за секој новинар во Би-Би-Си.

Рокот за пријавување е 30 октомври 2023 година за првиот и 6 ноември 2023 година за вториот тренинг, а сите заинтересирани треба да испратат кратка биографија на електронската пошта на ССНМ: ssnm.info@gmail.com. Сместувањето и превозот се целосно обезбедени од организаторот.

За дополнителни информации во врска со тренингот, можете да не контактирате на електронската пошта на ССНМ: ssnm.info@gmail.com.

ССНМ оваа обука ја организира во рамките на проектите „Обучување на медиумските работници во Македонија за покривање на климатските промени и теми од животната околина“, поддржан од Journalism Fund и „Работнички права за независно новинарство“ поддржан од Европската Унија.

Останати
објави

Сподели на...