“Работниците не се робје”, “ Да го ослободиме штрајкот”,” Ден на отпор не на одмор”,”Новинари заедно за своите права”. Со овие транспаренти во рацете и со извици “Социјална правда” неколку стотини граѓани во Скопје со протест го обележаа 1 мај, меѓународниот ден на работниците.
Протестот почна со собирот во Жена парк, од каде поворката продолжи пред Собранието на Македонија, Министреството за труд и социјална политика, Владата и завршија на скопскиот плоштад.
„Нашите работници во денешни услови работат во услови како во 1886 година, кога и се случи првичниот протест. Се враќаме со изворен синдикализам и нашите барања ќе најдеме начин да ги наметнеме. Ова веќе не може поинаку“,рече Тама Чаусидис, претседателка на Синдикатот на новинари и медиумски работници.
Претседателот на Конфедерацијата на независни синдикати Маријан Ристески побара од Министерството за труд и социјалана политика да погледне колку луѓе работат дури и на денот на нивниот празник.
Здравко Савески од левичарското движење Солидарност смета дека во услови на нарушени права на работниците, празникот треба да се обдбележи единствено преку протест.
– Бараме да се почитуваат работничките права, да се знае од колку до колку е работното време. Ако нашата Влада не ги слушне нашите барања ние нема да чекаме нареден 1 мај за да излеземе на претести, туку ќе излеземе во поголем број на улица и повторно ќе протестираме- рече Савески.
Пред зградата на македонската Влада претседателот на Синдикатот на македонската дипломатска служба Сашко Тодоровски направи споредба за состојбите во Македонија и во Европа.
-За само два дена работа во Германија се зема цела плата колку што работи еден работник во Макединија. Затоа младите заминуваат од државата, што е нормално, кој би сакал да работи во вакви лоши услови- рече Тодоровски .
Протестот го организираа Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Левичарското движење „Солидарност“, Движењето за социјална правда „Ленка“ и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ). Овие организации се потписници на Повелбата за солидарност на синдикати и здруженија за заштита на работнички права.