Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на 31 октомври во Скопје имаше работна средба со група колеги, главно помлади и дел од младинската секција на ССНМ, на која беа посочени проблемите со кои тие се соочуваат секојдневно, а се од кампусот на работнички права.
Улогата на излагач и модератор ја имаше професорот на Институтот за општествени и хуманистички науки, Здравко Савевски. Помладите колеги во медиумската индустрија во земјава беа насочени кон заедништво, кон организирање и кон постојан притисок кон работодавците кои треба да ги обезбедат основните услови за работа, а присутните посведочија дека во македонските медиуми истите многу често не се почитуваат, а Законот за работни односи се прекршува.
Професорот Савевски низ темата „Судбоносниот триаголник: работникот, синдикатот и правата“ ги опфати начините на борба и понуди искуства од регионот, па и пошироко, каде Синдикатите се вистински партнер на работодавците. Во таа смисла беше нагласено дека индивидуалните иницијативи и потреби се остваруваат многу потешко од заедничките и солидарни барања.
Сите присутни колеги на средбата изразија подготвеност за дополнителен ангажман во обид да се најде формула за омасовување на организацијата, а со самото тоа и поголемо влијание во медиумите кои во последниот период „под притисок“ веќе реагираа позитивно на барањата на новинарите и медиумските работници, но таа состојба е сè уште далеку од неопходната.
Настанот беше организиран во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите и мислењата искажани на настанот не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на организаторот и учесниците.