На работна средба одржана во Клубот на новинарите во Скопје во вторник (28 мај 2024 година), вработените во Македонската радио-телевизија и членови на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги избраа претставникот, замениците и работното тело што ќе ја води синдикалната група во следните две години.
Долгогодишната новинарка од информативната редакција на МТВ Марина Тонева-Стојанова едногласно беше избрана за старо-нова синдикална претставничка на синдикалната група на ССНМ во МРТ, а нејзини заменици се Наталија Зафировска, Здравко Петрушевски и Сашко Стојановски. Во деветчленото тело кое ќе биде поддршка за официјалните претставници се инволвирани луѓе од повеќето сектори во Македонската радио-телевизија и во него се: Флорије Камбери, Зорица Чинго, Билјана Тодоровиќ Георгиевска, Ерџан Садики и Билјана Жеревска, кои исто добија целосна поддршка и едногласно беа избрани од присутните на средбата.
На изборот на синдикални претставници му претходеше извештај за работата на синдикалната група на ССНМ во МРТ во минатите две години со осврт на зголемениот интерес на вработените во Јавниот радио дифузен сервис за членство во организацијата и за заедничка борба за остварување на своите работнички права, но и со тековни прашања како што со моделите на натамошна комуникација со канцеларијата на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници и со раководството на Македонската радио-телевизија.