На работна средба одржана денеска, 21 мај 2024 година, во Скопје со директорот на ЈП Македонска радио телевизија Марјан Цветковски утврдена е репрезенативноста на Синдикалната група на МРТ како дел од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Бројката на членови на ССНМ во јавниот радиодифузен сервис во моментов е над законски предвидениот процент од 20 отсто од вработените во МРТВ, со што се исполнети сите предусолви за добивање на репрезенативност по што групата се стекнува со сите права и обврски пропишани со Законот за работните односи.
На состанокот беше предочено дека од сега Синдикалната група на ССНМ во МРТВ ќе треба да биде вклучена во сите процеси што се однесуваат на правата на вработените, условите за работа, во изработка на Колективен договор и при измени во систематизацијата.
На средбата на која ССНМ го претставуваа официјалните и легално избраните претставници на групата од МРТВ и претседателот на ССНМ, Павле Беловски исто така беа договорени и начините на комуникација и натамошно делување во интерес на сите вработени во македонската телевизија.