Скрининг мисија за работничките и професионалните права на новинарите и медиумските работници

Датум

Мисија сочинета од претставници на Меѓународната федерација на новинари, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот РЕСИС во текот на три дена низ средби со институции релевантни за медиумските реформи, како и со редакции собираат податоци и информации за условите во кои работат новинарите и медиумските работници во Македонија

Работничките и професионалните права на новинарите и медиумските работници, социо-економската состојба и генералната состојба со слободата на медиумите во Македонија се предмет на скрининг мисијата за работничките и професионалните права на новинарите и медиумските работници која деновиве се одвива во Скопје. Мисијата е организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“ имплементиран заедно со Институтот РЕСИС, а финансиран од ЕУ.

Мисијата која ја сочинуваат Ентони Беланжер – генерален секретар на Меѓународната федерација на новинари (МФН), Нисрине Саламех – менаџер за проекти во Меѓународната федерација на новинари и Деирдре Кевин – медиумска експертка и консултантка, во текот на три дена низ средби со институции релевантни за медиумските реформи, како и со редакции собираат податоци и информации за условите во кои работат новинарите и медиумските работници во Македонија.

На средбите во Владата, Собранието, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги, медиумски организации и релевантни медиуми беше претставена главната заложба на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Меѓународната федерација на новинари дека нема слободно и професионално новинарство без социо-економски обезбедени новинари и медиумски работници, беше разговарано и за медиумската регулатива, измените на Законот за медиуми, безбедноста на новинарите, како и за одржливоста на медиумите.

Дел од темите кои беа опфатени во текот на првиот и вториот ден се однесуваа на важноста од сеопфатни реформи на медиумската регулатива, зајакнување на механизмите за заштита на работничките права во Законот за медиуми, поддршка за подобрување на социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници, потребата од силен јавен сервис, како и заштита на безбедноста на новинарите, особено во онлајн просторот.

Првичните наоди на мисијата на Меѓународната федерација на новинари ќе бидат презентирани на прес-конференција во петок, 4 април 2025 г. во Клубот на новинарите со почеток од 10:30 часот.

Останати
објави

Сподели на...