Тргнувајќи од начелото „постојано да се биде со своето членство“, па и со сите колеги од медиумите особено во моментите кога се појавуваат аномалии во процесот на работа или се нарушени основните обврски според Законот за работните односи, претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници се сретнаа со поголема група на сниматели и камермани. Состанокот одржан на 20 ноември 2024 година во Скопје беше со цел отворено да се поразговара за тековните состојби, за неколкуте акутни ситуации и да се преземе акција за нивно решавање.
Колегите сниматели и камермани информираа за недостатокот на персонал во нивните одделенија, што е дефинирано и со постојната систематизација во МРТ, според која од потребните 50, на располагање, како постојано ангажирани се 43 луѓе. Од тука произлегуваат и повеќето проблеми, па истите се принудени да извршуваат повеќе задачи во исто време, а голем дел од нив не се во описот на нивното работно место.
Продолжени ангажмани, некоординираност, употреба на линкови за префрлање на видео материјалите, користење на дронови без претходна подготовка, возење како дополнителна обврска се само дел од ситуациите со кои исклучително важниот технички кадар се соочува на дневна основа, а покрај сите предупредувања, па и ветувања, нема потези од раководството кон санирање на ваквите ситуации.
Снимателите и камерманите особено се загрижени за опасноста од можно зрачење во дел од студијата и просториите во кои тие го минуваат целото работно време и затоа заедно со ССНМ ќе преземат акција и од ЈРП МРТ ќе побараат итно мерење на зрачењето во дел од работните простории.
Од состанокот произлезе заклучок во најскоро време до раководството на МРТ да се достави барање од три точки.