Одржливоста и важноста на локалните медиуми и транспарентноста на општинските власти беа главните теми за кои вчера, 26 март 2024 година, беше разговарано на средбата на претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници со новинарите и медиумските работници од Куманово.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници пред колеги од кумановскиот регион ги презентираше своите активности во насока на подобрување на социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници како единствен начин за овозможување професионално и објективно новинарство. На средбата беа презентирани и акциите и идеите за лобирање за промена на законите кои се однесуваат на медиумската сфера во насока на подобрување на статусот на медиумските професионалци.
Беа презентирани податоците од неколкуте истражувања за бројот и демографијата на новинарите во Македонија, нивните примања, условите во кои работат, како и нивото на почитување на нивните работнички и професионални права. Присутните новинари и медиумски работници од нивна страна посочија на проблемите со кои се соочуваат, како што се ниските плати, сѐ помалиот интерес на националните медиуми за локалните средини, но и нетранспарентноста на општинските власти кои имаат свој тим за односи со јавност чија улога повеќе е да ги заменува новинарите отколку да одговара на нивните прашања.
На крајот од средбата беше заклучено дека е потребна заедничка акција во наредниот период како за подобрување на условите за работа на новинарите и медиумските работници од локалните средини, така и за заеднички притисок врз локалната самоуправа за подобрување на транспарентноста.
Средбата се реализираше во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат ССНМ во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиран од Европската Унија.