Средба на тема „Работничките права на жените во медиумите“ во организација на ССНМ

Датум

Присутните на состанокот се осврнаа, меѓу другото, на медиумската индустрија каде правата на жените често се нарушувани и тоа подолг период

На 30 ноември 2024 година во кафе „Лабораториум“ во Скопје во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници се одржа средба на која учесниците, во живо и на платформата ЗУМ, беа упатени на дискусија за соодносот на половите во медиумите и во нивната синдикална организација, но и потребата од градење на заеднички политики во иднина.

Припадничките на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и експертот од областа на родова еднаквост Неда Чаловска говореа за моделите на организација на жените во сите општествени сфери со акцент на медиумската индустрија како сектор кој има свои специфики и каде правата на жените често се нарушувани и тоа подолг период. Во тој контекст беше заклучено дека новата организација Мрежа на жените во медиумите е опција плус и таа треба да биде поддржана од сите, не само жените, и дека појавувањето на сцената на една ваква формација дополнително ќе го зголеми притисокот за остварување на правата на жените кај нас.

Колешките на средбата потсетија дека во земјава сè уште се проблематични елементарни и пристојни услови за работа, но и рамноправност при именувања, при вреднувањето на вложениот труд, безбедноста и заштита на интегритетот. Затоа новинарките и медиумските работнички бараат и солидарност меѓу колегите бидејќи сите заедно, со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници како предводник, полесно ќе дојдат до посакуваните цели.

Оваа средба беше организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во рамките на проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“. во партнерство со Union to Union и Меѓународната федерација на новинари.

Останати
објави

Сподели на...