ССНМ и ЗНМ со претставници на собранието на Европската федерација на новинари: Важна соработка и заедничка визија за иднината на новинарството

Датум

Делегацијата од Македонија, составена од претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија, активно учествува во работните сесии, каде што се усвојува новата тригодишна Работна програма на ЕФН за периодот 2025–2028

На 2 и 3 јуни 2025 година, во Будимпешта се одржува Генералното изборно собрание на Европската федерација на новинари (ЕФН), на кое учествуваат над 120 новинари и претставници на синдикати од 38 европски земји. Ова е првпат ЕФН да организира статутарен настан во Унгарија – симболичен чин на поддршка за независното новинарство во една земја каде медиумските слободи се под силен притисок.

Делегацијата од Македонија, составена од претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), активно учествува во работните сесии, каде што се усвојува новата тригодишна Работна програма на ЕФН за периодот 2025–2028. Програмата се фокусира на клучни предизвици како што се: имплементацијата на Европскиот акт за слобода на медиумите (ЕМФА), заштитата од СЛАП тужби, регулирањето на вештачката интелигенција, колективното преговарање, унапредувањето на авторските и трудовите права и безбедноста на новинарите.

Претседателката на Европската федерација на новинари (ЕФН), Маја Север, изјави: „Новинарството во Европа е под опсада. Затоа ЕФН не е само симбол – туку механизам за отпор. Во следните години мора да обезбедиме спроведување на ЕМФА и сите други европски инструменти за заштита на новинарството и работничките права; да го сопреме злоупотребувањето на вештачката интелигенција и дигиталните платформи кои профитираат од нашата работа без транспарентност или надомест; да ја прошириме синдикалната заштита за сите, да инвестираме во безбедност, медиумска писменост и саморегулација – затоа што вистината има потреба и од инфраструктура и од луѓе кои ќе ја бранат.“

Во рамките на настанот, македонската делегација, заедно со партнерските здруженија на новинари од Западен Балкан, имаа работна средба со Претставникот за слобода на медиумите на ОБСЕ, амбасадорот Јан Брату. Средбата е од големо значење за регионалната координација околу прашањата на безбедност на новинарите, справување со неказнивоста, и потребата од системска поддршка за истражувачкото новинарство и медиумската независност.

На годишното собрание на ЕФН, покрај работните сесии, се одвиваат и статутарни активности – делегатите ги разгледуваат финансиските извештаи, програмските документи, и избираат девет нови членови на Управниот одбор на ЕФН со мандат од три години. Овие избори и резолуции ќе го одредат правецот на федерацијата до 2028 година.

Останати
објави

Сподели на...