ССНМ ја донесе Стратегијата за работа за периодот 2025-2029

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го заврши процесот на стратешкото планирање за периодот 2025-2029 година

Со четвртата работна средба на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и претставници на другите тела на ССНМ, а во соработка за партнерот Институтот РЕСИС и помогнати од група експерти од неколку области на 5 декември 2024 година во Скопје го заврши процесот на стратешкото планирање за периодот 2025-2029 година.

Обидот да се создаде модерен и издржан документ на најголемата организација на новинарите и медиумските работници во земјава претпостави и сериозна дискусија, и изработка на прилози од правници, стручњаци за трудово право и општествени науки. Нивните анализи и предлози содржат концепти на развој и се вклучени во завршниот документ кој ги одразува целите на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во следните пет години.

Стратешкото планирање во период од цела година предвиде и проекции за зајакнување на внатрешната организација и консолидација на застапувачкиот фокус за правата на новинарите и медиумските работници, а кулминираше со усвојување на документот кој предвидува неколку една фундаментална и три стратегиски цели кои понатаму се расчленети во потцели и активности што Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници треба да ги преземе.

Фундаментална цел на Стратегијата е „јакнење и стабилизација на организацискиот идентитет на ССНМ и на работничкиот идентитет на новинарите и медиумските работници“.

Стратегиските цели на ССНМ во периодот 2025-2029 се:

  • Јакнење на внатрешната организација и капацитет на ССНМ.
  • Консолидирање на ангажманот на ССНМ со медиумските организации во одбрана на работничките права на неговите конституенти.
  • Кристализација на позициите на ССНМ кон интервенциите во правната рамка што се однесува на новинарите и медиумските работници.

Стратегијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници беше донесена едногласно и истата ќе биде објавена на сајтот на ССНМ во најскоро време.

Оваа активност беше поддржана од проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат ССНМ во партнерство со Институтот РЕСИС, финансиран од Европската Унија.

Останати
објави

Сподели на...