Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници останува верен на концептот според кој непосредно ќе комуницира со колегите од сите медиуми, ќе ги слушне нивните проблеми и ќе понуди концепти за подобрување на состојбите. На 18 април претставници на ССНМ беа на работна средба во Дебар.
На истата, по истакнување на нескриено задоволство од страна на колегите од локалните медиуми и дописниците на националните концесионери дека некој се сетил на нивната работа, и тоа по неколку децении, беше констатирано дека во малата заедница во која се користат три јазика ентузијазмот сѐ уште е присутен, иако состојбите не стануваат подобри.
Дебарските новинари, сниматели и луѓето од техничкиот сегмент отворено ги поддржуваат сите форми на обединување и се комплетно свесни дека само со заедничка и солидарна борба ќе може да се изврши притисок врз локалната и државна власт за обезбедување на коректна комуникација, работни услови, па и средства за реализација на основното, информирање за случувањата во Дебар за локалните жители, но и за големата колонија наши иселеници кои имаат потреба да бидат во тек со настаните во најзападниот град од Македонија.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници информира за тековните програмски и проектни цели во кои неминовно треба да бидат вклучени и ангажираните во локалните гласила, иако нивната бројка во случајот на Дебар, по затворањето на локалната радиостаница и откажување на соработката од страна на поголемите македонски медиуми е сведена на елементарен минимум.
Оваа средба се одржа во рамките на проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“ во партнерство со Union to Union и Меѓународната федерација на новинари.