ССНМ на работен состанок со спортските новинари од онлајн медиумите

Датум

На работната средба со уредници и сопственици на спортски онлајн медиуми во земјава доминираше темата околу измените на Законот за медиуми

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на 21 ноември 2024 година во Скопје одржа работна средба со најголем дел од уредниците и сопствениците на спортските онлајн медиуми во земјава на која доминираше темата околу измените на Законот за медиуми.

Со ова ССНМ практично ги продолжи консултациите за измените кои се во процес на јавна расправа и кои минуваат без консултација бидејќи колегите спортски новинари не се вклучени во оваа фаза од измените на Законот за медиуми. Сѐ што до сега стасува до нив како информација е во форма на шпекулација или полуинформација, што сметаат дека е несоодветно на влијанието и важноста што тие ја имаат за спортската, па и во целокупната јавна сфера.

На средбата беше констатирано дека спортските онлајн медиуми во најголем дел се против обврската за двајца задолжително вработени со полно работно време иако во моментов најголем дел од нив имаат и повеќе од таа бројка. Колегите сметаат дека предлогот е недефиниран и нема да ги подобри условите генерално, нема да придонесе за изнаоѓање на нови лица во новинарството, па и дека нема гаранција за создавање на нов квалитет во областа спортски медиуми.

Колегите спортски новинари од ССНМ побараа да делува при изработка на најавениот регистар на онлајн медиумите и да учествува во градење на критериуми што ќе оневозможат злоупотреби. Во исто време на средбата беше искажана и заинтересираност за евентуалното ослободување од придонеси за новинарите и медиумските работници за кои Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници лобира веќе подолго време.

Останати
објави

Сподели на...