ССНМ на работен состанок во МВР Охрид

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во петокот (26 јули 2024 година) во рамките на кампањата „Правата и безбедноста на новинарите во локалните медиуми и вмрежување како начин за акција“ одржа средба со портпаролот на секторот за внатрешни работи во Охрид, Стефан Димовски.

Претседателот на ССНМ Павле Беловски и координаторот Перо Момировски предводеа тим во кој беа повеќемина членови на телата на ССНМ, но и колеги од локалните медиуми кои ги посочија проблемите со кои се соочуваат во извршување на својата обврска и заканите по безбедноста кои се присутни.

„МВР Охрид е посветен на брзо решавање на сите ситуации што се појавуваат во однос на новинарите и медиумските работници за што доказ се неколкуте ситуации по кои поведовме постапки против лица кои упатувале онлајн закани за вашите колеги. Во тој дел, пријавување, реакција, постапки, мислам дека како град, како МВР сме дури и најнапредни од сите во земјава“ вели Стефан Димовски.

Колегите од Охрид се сложија дека комуникацијата со претставниците на МВР е добро организирана иако градот е преполн со случувања од секаква природа во екот на сезоната што ним им ја отежнува работата и влијае на безбедноста, па и условите за работа.

Претставниците на ССНМ побараа, колку е тоа можно во овој период, регулација и поефективна организација на редоследот на настаните во Охрид заради обезбедување неопходни услови за работа на новинарските и медиумските екипи кои често се во ситуација на дневно ниво да покриваат повеќе настани од различни области и на различни локации, а во име на СВР Охрид портпаролот Стефан Димовски посочи дека заеднички обуки се најдобар начин за натамошно унапредување на соработката меѓу новинарите и лицата задолжени за информирање во МВР.

Оваа средба е организирана во рамките на под-грантот „Зајакнување на интегритетот и безбедноста на локалните новинари/ки и медиумски работници“ имплементиран од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ, а дел од иницијативата „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“, финансиски поддржана од Европската Унија, а во реализација на Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ и партнерските организации, Иницијативата за европска перспектива – ИЕП и Европската федерација на новинари – ЕФН.

Останати
објави

Сподели на...