ССНМ на работна средба и со барања до градоначалникот на општина Прилеп

Датум

На градоначалникот на Прилеп му беа презентирани неколку барања кои се составени по подолг период на консултации и се базирани врз објективни потреби на локалните новинари и медиумски работници

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во делот на обврските да преговара за обезбедување услови за работа и да ја застапува медиумската фела пред институциите на локалната самоуправа, во саботата на 21 декември 2024 година одржа работна средба со градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески. На состанокот претседателот на синдикатот Павле Беловски и колегите новинари и медиумски работници од Прилеп на првиот човек на општината му презентираа неколку барања кои се составени по подолг период на консултации и се базирани врз објективни потреби на локалните новинари и медиумски работници.

Првото барање се однесува на поголема транспарентност на општината и на сите јавни претпријатија во градот Прилеп, и на потребата од отворена и константна комуникација меѓу локалните власти и новинарите. И сето во интерес на доброто и правилно информирање на граѓаните. Второто барање се однесуваше на обезбедување паркинг за луѓето од медиумите за извршување на своите задачи, а третото за изнаоѓање на услови за обезбедување на просторија за медиумски клуб во кој новинарите ќе можат да работат. За ова градоначалникот Јовчески изрази целосна поддршка и вети дека ќе стори сѐ, колегите да добијат свое катче во Прилеп.

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески кој е нетипичен и крајно позитивен пример на добра соработка на општинска власт со медиумите се понуди да му помогне на ССНМ односно на новинарите и медиумските работници во посредување со Заедницата на единиците на локална самоуправа каде постојат услови за соработка и заеднички настап на општините и медиумите.

Оваа средба е организирана во рамките на под-грантот „Зајакнување на интегритетот и безбедноста на локалните новинари/ки и медиумски работници“ имплементиран од ССНМ, а дел од „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“, финансиски поддржан од Европската Унија, а во реализација на Здружението на новинари на Македонија и партнерските организации, Иницијативата за европска перспектива и Европската федерација на новинари.

Останати
објави

Сподели на...