ССНМ на работна средба со раководството на МРТВ

Датум

Претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) предводени од претседателот Павле Беловски вчера (21.09.2023, четврток) се сретнаа со генералниот директор на Македонската Радио Телевизија, Марјан Цветковски. На средбата, која беше на барање на ССНМ, беа опфатени неколку актуелни теми кои ги засегаат членовите на синдикатот во МРТ, но и сите вработени во јавниот сервис.

Најважната тема која беше повторно отворена е решавањето на статусот на дописниците во јавниот сервис, проблем кој се провлекува со децении. Генералниот директор на МРТВ, Марјан Цветковски очекува овој проблем да се реши во наредните неколку месеци, со вработување на дописниците кои сега се хонорарно ангажирани.

Со оглед на тоа што Колективниот договор во МРТВ истекува наскоро, со што се јавува и потребата од потпишување на нов, кој што ќе ги регулира правата и обврските на вработените, на предлог на ССНМ и во согласност на првиот човек на МРТВ е договорено при изработката на овој документ да се земат предвид и предлозите на синдикатот кој, пак, ќе изврши консултации со Европската федерација на новинари и Меѓународната федерација на новинари.

За новата верзија на Колективниот договор ССНМ ќе достави предлози во кои, пред сѐ, ќе бидат искористени позитивните искуства на европски национални јавни сервиси. ССНМ, исто така, доби и ветување дека систематизацијата ќе донесе подобрување на процесот на работа, како и на финансиската состојба на вработените, а ќе се направи и обид за регулирање на начинот на унапредувањата.

Останати
објави

Сподели на...