ССНМ на работни средби со вработените во МРТ

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници одржа две работни средби со вработените во ЈП Македонска радио-телевизија

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во делот на редовните обврски и постојана комуникација со своето членство во два дена во Младинскиот културен центар во Скопје одржа работни средби со вработените во ЈП Македонска радио-телевизија.

На првата средба на 12 декември 2024 (четврток) година учествуваа колегите од техниката: тон сниматели, миксер, кајрон, сниматели и камермани кои посочија на објективни проблеми во работата кои со мала корекција може да се анулираат и да влијаат на подобрување на целокупниот амбиент за работа, па и на квалитетот на програмата во сите сектори како крајна цел. Општа констатација на присутните е дека станува збор за некоординираност на секторите и за организација која може да биде на многу повисоко ниво. Низ двочасовна дебата колегите отворија неколку дилеми и за дел од тековните случувања побараа толкувања на Законот за работните односи и на Законот за медиуми што претставниците на синдикатот делумно ги одговорија, а дел ќе ги упатат до правната канцеларија на ССНМ, а потоа ќе ги презентираат пред своите членови.

На состанокот на Извршниот одбор на синдикалната група на ССНМ при МРТ одржан на 13 декември 2024 година (петок) основната тема беше репрезентативноста односно неможноста повеќе од 150 членови на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници вработени во МРТ да ги остварат своите права на здружување, а во продолжение и на остварување на своите работнички права. Членовите на телото се согласија дека пролонгирањето на потврдата за репрезентативност им штети на процесите за подобрување на статусот на вработените во МРТ, но дека ќе се направат дополнителни комуникации во текот на следниот период и дека конечно синдикалната група на ССНМ при МРТ ќе стане фактор кој ќе може да учествува во креирање на актите со кои се регулира односот на вработените и раководството на МРТ.

Средбите беа организирани во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите и мислењата искажани на средбите не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на организаторот и учесниците.

Останати
објави

Сподели на...