ССНМ на средба со членовите од ЈП МРТ

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници одржа средба со своите членови и со координативното тело во МРТ, на која се разговараше за актуелната реорганизација, условите за работа и можните нарушувања на работничките права. Како следен чекор ССНМ ќе побара средби со раководството на МРТ и ќе инсистира на вклучување на синдикатот во процесите што ги засегаат вработените, вклучително и подготовката на нов Колективен договор.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници одржа редовна средба со своите членови и со координативното тело на ССНМ во Македонската радио-телевизија на која се дебатираше за актуелните состојби вo ЈП МРТ. На истата беше посочено дека потфатите за редефинирање и промени на новото раководство на Јавниот сервис внесуваат извесна нејаснотија и несигурност кај вработените, кои се во очекување на образложение на потезите.

Членовите на ССНМ во ЈП МРТ прашуваат дали тековната реорганизација се одвива според актуелните законски акти и пред сѐ што таа ќе донесе во блиска иднина, односно дали тоа ќе претпостави подобрување на условите за работа и напредок, и подобрување на програмата.

Присутните на средбата предупредија дека има индиции за нарушување на дел од работничките права во делот на преместување на дел од кадарот на несоодветни позиции, на отсуство на техничка поддршка, на недостаток на персонални решенија, на елементарен работен амбиент во просториите, но и на односот на дел од уредниците кон новинарите и медиумските работници.

Како заклучок од средбата е донесена одлука според која, во најскоро време ќе се бара средба во генералниот директор на МРТ Зоран Ристовски и со претседателот на програмскиот совет Давор Пашовски, на која ќе бидат доставени серија на прашања околу наведените теми.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници преку својата Синдикална група во МРТ останува на понудата да учествува во креирање на сите документи, правилници, систематизација, и укажа дека отпочнување на процес и подготовка на нов Колективен договор е вистинскиот модел за унапредување на правата на вработените во ЈП МРТ.

Оваа средба се одржа во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите на новинарите за одбрана на нивните права“ поддржан од European Endowment for Democracy.

Останати
објави