ССНМ на средба со Валбон Лимани, в.д. градоначалникот на Гостивар

Датум

Претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во петок (26 јули 2024 година) во Гостивар одржаа работна средба со в.д. градоначалникот на општината Валбон Лимани на која основна тема беше унапредување на комуникацијата на локалната самоуправа во Гостивар со новинарите и медиумските работници.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски посочи дека општина Гостивар долги години е еден од позитивните примери за добра соработка на локалната самоуправа и медиумите и дека истата колку и да е за пофалба секогаш постојат услови за подобрување на состојбите и односите.

„Општина Гостивар чини сè што е во нејзина моќ да биде транспарентна и да има постојана комуникација со локалните новинари и медиумски работници, а во исто време и да ги обезбеди сите неопходни услови за нивна работа,“ констатира градоначалникот Лимани и додаде дека сите информации од јавен карактер се достапни, а седниците на општината се отворени.

Градоначалникот Лимани се залага за закон кој би го регулирал финансирањето на локалните медиуми по европски терк кој би важел за сите општини подеднакво, а во делот на безбедноста на новинарите и медиумските работници во Гостивар рече и дека „ние во исто време се грижиме и за безбедноста на вашите колеги бидејќи ни е целосно јасна улогата на медиумите како информатор, но и коректор во работата на локалната самоуправа“.

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на средбата беше побарано и докомплетирање на тимот во ПР службата во Гостивар со акцент на луѓе со искуство од работа со медиумите.

Оваа средба е организирана во рамките на под-грантот „Зајакнување на интегритетот и безбедноста на локалните новинари/ки и медиумски работници“ имплементиран од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ, а дел од иницијативата „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“, финансиски поддржана од Европската Унија, а во реализација на Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ и партнерските организации, Иницијативата за европска перспектива – ИЕП и Европската федерација на новинари – ЕФН.

Останати
објави

Сподели на...