Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на 18 мај 2024 година во скопскиот Градски парк одржа средба со дел од членовите на која основната тема за разговор беше регрутирањето во ССНМ како најдобар начин за остварување на своите права.
На средбата на отворено на која учесниците беа придружувани и од дел од своите семејства се зборуваше и за соодносот на половите во медиумите и во нивната синдикална организација, но и потребата за градење на заеднички политики во иднина.
Припадничките на ССНМ со гостите говореа и за моделите на организација на жените во сите општествени сфери со акцент на медиумската индустрија како сектор кој има свои специфики и каде правата на жените често се нарушувани во подолг период.
Учесниците на настанот се осврнаа и на потребата од недискриминација при ангажирањето во медиумите, на модернизирање на договорите за вработување, на нивно постојано почитување, на поголема заштита на бремените жени, на пристојни услови за работа и подигање на цената на трудот на новинарките и медиумските работнички.
На работниот состанок во невообичаениот амбиент во Градскиот парк во Скопје колешките потсетија дека бараат само пристојни услови за работа и рамноправност при именувања, при вреднувањето на вложениот труд и заштита на интегритетот. Сѐ тоа што провејуваше низ средбата, убедени се новинарките и медиумските работнички, може да се обезбеди и со нов, подобрен Закон за работните односи, но и со солидарност меѓу колегите.
Оваа средба се одржа во рамките на проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“ во партнерство со Union to Union и Меѓународната федерација на новинари.