Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници минатиот викенд (16-17.11.2024) во хотелот „Градче“, Кочани организираше обука за поголема група новинари на која темата беше „Разбивање на стереотипите: Моќта на родово балансираното известување“.
Мирко Трајановски и Драгана Каровска Чемерска со предавањето кое содржеше упатства, примери и вежби ги посочија родовите различности и степенот на родова еднаквост со тоа што го акцентираа и сегментот: Род и медиуми односно родовите стереотипи и предрасуди кои постојат во општеството, а медиумите се негов главен коректор. Низ интерактивната обука во која учествуваа новинари и медиумски работници од 10 медиуми од 5 македонски градови се говореше за балансирано известување за род и родова еднаквост и употребата на родово сензитивен јазик со првична констатација дека се ретки позитивните примери во нашите медиуми.
Во Кочани колегите беа потсетени на правилата и принципите при известување за случаи на родово базирано насилство, на препознавање на пристрасностите во медиумските содржини и известување за род, сексуалност и родово базирано насилство и за најдобриот начин на креирање на родово балансирани содржини со потенцирање на различни перспективи.
Оваа работилница беше организирана во рамките на под-грантот „Зајакнување на интегритетот и безбедноста на локалните новинари/ки и медиумски работници“ имплементиран од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ, а дел од „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“, финансиски поддржан од ЕУ, во реализација на Здружението на новинари на Македонија и партнерските организации Иницијативата за европска перспектива – ИЕП и Европската федерација на новинари – ЕФН.