Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници организираше обука за новите движења во новинарството на која присуствуваа 15 медиумски професионалци од повеќе градови и медиуми во земјава, а се одржа од 25 до 27 октомври 2024 година во Охрид. Предавач на тридневниот тренинг беше главната уредничка на Франс Прес за Западен Балкан, Камил Бису која опфати повеќе области важни за работата на новинарите во последните, но и следните години. Бису говореше за примената на вештачката интелигенција (ВИ) во медиумите користејќи примери и посочувајќи ги добрите и лошите страни на ВИ во практикувањето во новинарската работа.
Kолегите од Охрид, Скопје, Прилеп, Битола и Штип можеа да слушнат за неопходноста од адаптирање на новинарите и нивните производи на потребата на публиката бидејќи технолошкиот напредок е пребрз и превлијателен, односно дека новинарите и медиумските работници постојано мора да се усовршуваат за фаќање на чекор со новите форми на медиуми.
Бису голем дел од тренингот посвети на оформувањето на идеална редакција, со осврт на сегашните состојби и искуства од светот, па и од регионот, но и со проекција за тоа како треба да бидат поставени медиумите за да можат да бидат функционални, односно да ја извршуваат својата основна функција. Секако Бису ја зеде предвид и жестоката борба на медиумите за гледачи, за слушатели и читатели, и потребата да се најде модел на врвна професионалност на медиумските работници, а во исто време и да се обезбедат голем број на следбеници.
Обуката „Новинарството во модерната ера: што да се задржи, што да се промени“ што се одржа во Охрид минатиот викенд беше организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници како дел од проектот „Зајакнување на квалитетот на вестите и независност на новинарството во Западен Балкан и Турција 2“, во партнерство со БИРН, а поддржана од ЕУ.