Повеќе од дваесет новинари и медиумски работници од повеќе градови во земјава беа дел од новата обука на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници што на Попова Шапка се одржа изминатиот викенд, 11-12 ноември 2023 година. Предавач на обуката беше Кевин Бурден, експертот со 30-годишно новинарско искуство во работа во областа и 20-годишен ангажман како обучувач на известувачи од настани поврзани со животната средина, кој на колегите им ги пренесе своите сознанија, начини и принципи на работа.
Обуката со работен наслов „Што се случува со климата и зошто е тоа важно за новинарите“ предизвика голем интерес кај присутните, кои активно учествуваа во разработка на моделите за лоцирање и создавање производи за медиумите од проблематиката која сериозно се наметнува да биде најважна во светот во следниот период.
ССНМ на оваа обука покани и две активни домашни организации кои се занимаваат со проблематиката животна средина, па учесниците имаа можност да ги следат и предавањата на Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонското еколошко друштво и Елмедина Абдулаи од „Подобро за Тетово“. Тие на присутните им ги посочија најгорливите домашни проблеми, но и проблемите со кои се соочуваат при своите акции и известувања.
Обуката беше поддржана од Journalism Fund и од проектот „Работнички права за независно новинарство“, поддржан од Европската Унија, кој го спроведуваат ССНМ во партнерство со Институтот РЕСИС.