Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во соработка со партнерот Институтот РЕСИС пред еден месец ја започна серијата работни средби на кои се разработува концептот на развој во периодот 2024-2028 година. На вториот работен состанок што се одржа на 20 декември 2023 година, а на кој се одвиваше разработката на Стратегијата учествуваа и претставници на сите други тела на ССНМ, правниот тим и група на експерти кои се обидуваат да создадат модерен и издржан документ што ќе ги опфати сите агли на работењето и дејствувањето.
Стратешкото планирање до сега опфати две основни цели. Во првата се дискутираше за јакнење на внатрешната организација и капацитет на ССНМ, а во рамките на втората се дебатираше на тема консолидација на застапувачкиот фокус за правата на новинарите и медиумските работници.
Првичните констатации што по дополнителни филтри ќе бидат преточени во најважниот акт на ССНМ за следниот период се дека: Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници треба да ја зајакне структурната поставеност во својата извршна канцеларија, а организацијата мора да го засили активниот синдикализам на своето членство.
Со новата Стратегија е предвидено ССНМ во следните пет години стабилно да ја зголемува својата членска база во и надвор од главниот град, да го зајакне својот капацитет за да го зголеми своето знаење за промените во статусот на работничките права во медиумите и да го воспостави и систематски да го практикува системот за комуникации со различните групи кои синдикатот ги обединува.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници предвидува во интервалот 2024-2028 година да се посвети на изработка на правна рамка и фактичка примена на правото на слобода на здружување на новинарите и медиумските работници, на правна поддршка за стабилизирање на професионалниот статус во редакциите, на мониторинг на повеќе аспекти на безбедноста на колегите за време на работа и надвор, и, секако, постапување по предмети што го опфаќаат овој сегмент, но и подготовка на правна рамка за заштита на работничките права на новинарите и медиумските работници.
Оваа активност е поддржана од проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат ССНМ во партнерство со Институтот РЕСИС, финансиран од Европската Унија, и од проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“, кој го спроведуваме со помош на шведската организација „Union to Union“, а е финасиран од Меѓународната федерација на новинари.