ССНМ се претстави на конференцијата на ОБСЕ „Зајакнување на новинарството како јавно добро“ во Тирана

Датум

ССНМ од 17 до 19 мај учествуваше на конференцијата на ОБСЕ во Тирана посветена на безбедноста и иднината на новинарството, каде што ја претстави својата работа пред медиумски организации и експерти од регионот. На средбите беше оценето дека медиумскиот сектор во Југоисточна Европа, вклучително и Македонија, сè уште се соочува со сериозни предизвици поврзани со безбедноста, социјалниот статус и технолошките промени.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници со тим учествуваше во дводневната работа на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Тирана од 17 до 19 мај 2026 година. Освен учество на панел-дискусиите кои опфатија повеќе теми кои главно се однесуваа на безбедноста на новинарите и медиумските работници во Југоисточна Европа, Синдикатот доби можност да ја претстави својата работа пред повеќе од 150 учесници од десетина земји.

На своевидниот медиумски саем, ССНМ ги презентираше своите активности и начинот на функционирање, што наиде на интерес кај колегите, кои го „окупираа“ нашиот штанд. Публикациите, анализите и материјалите што им беа достапни во печатена и дигитална форма според домаќините на настанот можат да бидат патоказ за голем дел од соседните медиумски организации.

Македонските медиуми во Тирана беа присутни во огромен број и учествуваа во голем дел од работилниците и секој на свој начин ги опишуваше актуелните состојби на нашата сцена.

Прелиминарната констатација од собирот на ОБСЕ во главниот град на Албанија е дека состојбата во македонските медиуми не ги следи медиумските трендови со акцент на вештачката интелигенција. Заклучокот од конференцијата насловена „Зајакнување на новинарството како јавно добро“ е дека безбедноста на новинарите и медиумските работници, но и социјалниот статус, се поле на кое сѐ уште многу треба да се работи и инвестира во овој дел од Европа.

Останати
објави