Предлогот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) што се однесува на делумно или целосно ослободување од придонесите за новинарите и медиумските работници му беше презентиран на заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Идејата што ССНМ ја изработи по сеопшта анализа и во блиска соработка со експерти од повеќе области беше тема на средбата одржана во Прилеп во саботата на 21 декември 2024 година.
Претставници на телата на ССНМ и колеги од повеќе градови беа дел од состанокот на кој на заменик министерот му беше соопштен ставот на медиумската заедница според која тешката ситуација на медиумите може да се регулира со донесување на нов Закон за медиуми со кој ќе може да се имплементира ваквата мерка. Со него, му беше соопштено на Ристески, ќе бидат уредени критериумите и условите под кои ќе може да се користи оваа мерка, а со цел стимулирање на работодавците на новинарите и медиумските работници да ги подигнат платите преку прагот на просечната плата утврдена по работник на национално ниво.
На заменик министерот за економија и труд му беше предочена социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници во Република Северна Македонија без разлика на тоа за каков тип на медиум работат и тоа дека истото е резултат на низа фактори како: нестабилно финансирање, несигурни работни места, ниски плати, договори на определено време или хонорарни договори, но и низа безбедносни предизвици како навреди, закани и напади.
Марјан Ристески ги сослуша новинарите и медиумските работници и вети дека ќе се заложи во економско-социјалниот совет со поддршка за иницијативата на ССНМ. Неговиот став е дека во потфатот кој би бил заеднички треба да учествуваат сите страни, вклучително и владата преку ресорните министерства, ангажираните во медиумите, но и работодавците.
Настанот беше организиран во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите и мислењата искажани на настанот не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на организаторот и учесниците.