ССНМ со иницијатива за Манифест на локалните новинари и медиумски работници за подобрување на условите за работа

Датум

Манифест на локалните новинари и медиумски работници за подобрување на условите за работа ќе биде објавен и доставен до релевантни чинители

Со цел уште еднаш да ги констатира состојбите во медиумската индустрија во сите плански региони во Македонија и со намера во форма на документ да ги конципира барањата до државните институции и локални самоуправи, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во текот на викендот 14-15 декември 2024 година во Велес организираше работна средба на која учествуваа дваесетина претставници на медиуми од десет македонски градови.

Низ состаноците во двата дена претставниците на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници со колегите и со експерти дискутираа и го разработуваа актот кој со заедничка одлука на сите присутните ќе биде именуван како Манифест на локалните новинари и медиумски работници за подобрување на условите за работа. Во него се сублимирани сите недостатоци што во долг период ја отежнуваат работата и функционирањето на локалните медиуми, и сите ангажирани од нив, и претставуваат закана за новинарите и медиумските работници. Од тие појдовни точки во продолжение беше оформена листа на барања и правци на делување.

Заклучоците од средбата од која практично произлезе иницијативата за Манифестот ќе бидат доставени до сите новинари и медиумски работници од локалните средини. Манифестот е предвидено да биде објавен кон крајот на годината, а потоа истиот ќе биде доставен и до сите релевантни институции за кои се смета дека може да ја коригираат состојбата и да помогнат во рехабилитација на локалните медиуми како важни средства за информирање од јавен интерес, но и нивно приспособување на новите форми и новите времиња.

Голем дел од нацрт-барањата се однесуваат на подобрување на квалитетот на новинарството и на помош за финансиска стабилизација и одржливост на субјектите кои ја сочинуваат големата група на локални медиуми. На работилницата беше заеднички одлучено по објавувањето на манифестот да биде побарана поддршка од сите чинители кои имаат надлежност за медиумски политики, а поддршка на манифестот со потписи ќе можат да дадат сите заинтересирани.

Оваа работилница беше организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во рамките на проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“ во партнерство со Union to Union и Меѓународната Федерација на новинари.

Останати
објави

Сподели на...