ССНМ со конференција за „Стратегиски пристап во одбрана на новинарскиот интегритет“

Датум

Како еден од најважните документи кои беа презентирани на оваа завршна конференција беше „Повелбата за работнички и професионални права на новинарите и медиумските работници“, документ кој претставува основа, насока според која треба да се водат и новинарите и медиумските работници, но и работодавачите со цел создавање соодветни услови за слободно новинарство.

Повелба за професионални и работнички права на новинарите и медиумските работници, како и неколку други стратегиски документи беа презентирани на вчерашната (26 мај 2025 година) конференција со наслов „Стратегиски пристап во одбрана на новинарскиот интегритет: Како да се справиме со неодржливоста на медиумите, ниските плати и прекувремената работа во новинарската професија?“

Завршната конференција беше организирана во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“ чии спроведувачи се Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот РЕСИС, а е поддржан од Европската Унија.

Конференцијата ја отвори претседателот на ССНМ, Павле Беловски, кој истакна дека во рамките на овој проект беа спроведени низа на активности кои освен што доведоа до зацврстување на синдикатот, придонесоа и до собирање на голем фонд на податоци за состојбите и условите во кои работат новинарите и медиумските работници од кои произлегоа повеќе стратегиски документи за понатамошна борба за подобрување на статусот на медиумските професионалци.

„Најверојатно сме единствената професија во која 2.100 луѓе извршуваат над 3.000 работни позиции. Не може да има слободни медиуми, слободни новинари и медиумски работници со интегритет без да бидат социо-економски обезбедени. Без оваа компонента не е можно производство на професионални и етички издржани содржини кои го штитат јавниот интерес, што впрочем е и основната задача на новинарството“, рече Беловски.

Како еден од најважните документи кои беа презентирани на оваа завршна конференција беше „Повелбата за работнички и професионални права на новинарите и медиумските работници“, документ кој претставува основа, насока според која треба да се водат и новинарите и медиумските работници, но и работодавачите со цел создавање соодветни услови за слободно новинарство.

Авторката на повелбата, Тамара Чаусидис, експертка за работнички права и поранешна претседателка на ССНМ, рече дека иако Повелбата не е обврзувачки документ претставува добар инструмент за промовирање на правата на новинарите и медиумските работници, но и можност за кревање на свеста за потребата од слободното новинарство.

Експертката за работнички права, Неда Чаловска, пак, ја презентираше анализата на договорите за вработување на новинарите и медиумските работници, односно нацрт-договорите што ги вклучуваат сите поединечни права и обврски, земајќи ги предвид и спецификите на професијата, кои би овозможиле заштита на медиумските професионалци од какви и да е притисоци поврзани со работниот процес.

Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС ја претстави „Концептуалната рамка за мерење на напредокот на работните права во медиумскиот сектор“, односно индекс за мерење на работничките права во медиумите, што претставува прв ваков самостоен индекс во регионот и пошироко.

Втората панел дискусија беше посветена на состојбата со локалните медиуми и на неа зборуваа Жанета Здравковска, дописничка за СДК од Битола, која се осврна на предизвикот наречен човек медиум во локалните средини, потоа Светлана Ристеска од Зенит, Прилеп, која зборуваше за падот на приходите на локалните медиуми, Ване Трајков од Дрнка, Струмица се осврна на нелојалната конкуренција која ја прават Фејсбук групите, додека Абедин Билали од ТВ Глоби, Гостивар зборуваше за примерот на монетизација со цел одржување на локалните медиуми.

Оваа конференција беше организирана во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани на конференцијата не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења на конференцијата е во целост на спроведувачите и на авторот.

Останати
објави

Сподели на...