ССНМ успешно реализира обука за безбедност на новинари и медиумски работници

Датум

Петнаесет новинари и медиумски работници од повеќе македонски медиуми во текот на викендот (30 септември – 1 октомври 2023 година) беа дел од тренингот „Процена на ризик и покривање на демонстрации“ што во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Европската федерација на новинари, а како дел од програмата „Итен одговор за слободни медиуми-фонд за обуки“ се одржа во хотелот Градче, Кочани.

Учесниците се стекнаа со теоретски и практични знаења од областа на безбедност во секојдневните обврски и во дадени ситуации во кои новинарите и медиумските работници се наоѓаат. Ним сознанијата од обуката ќе им овозможат да имаат сознанија за постапување при опасни ситуации како протести, штрајкови, инциденти и конфликти од најразновиден тип.

Предавач на обуката беше експертот за безбедност на новинари и медиумски работници, Дејвид Беван кој повеќе од 30 години работи со видни медиумски организации (Си-Ен-Ен, Гардијан, Ал Џазеира, Дојче Веле) на полето управување со ризик и безбедност во опасни средини при известување. Беван обучил повеќе од 6.000 новинари и медиумски работници, а голем дел од нив ги придружувал и се грижел за нивната безбедност при известување од најразлични конфликти во светот.

Дејвид Беван со предавањето втемелено, пред сè, на искуства на новинарите, снимателите, продуцентите од најпознатите медиуми од големите светски жаришта, но и од секојдневните обврски на новинарите при покривање и на помалите инциденти ги лоцираше најголемите опасности. Тој на учесниците на тренингот им предочи како известувачите треба да се постават и да се заштитат, а во исто време ги сподели и најсоодветните начини за испраќање на вистинска и проверена вест со анулирање на ефектите од агресивната околина што најчесто е дел од настаните од висок ризик.

Останати
објави

Сподели на...