ССНМ во Битола: Локалните медиуми се важни за демократијата

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во Битола разговараше со новинарите и медиумските работници за влошените услови за работа, растечките притисоци и тешката положба на локалните медиуми. На средбата беа претставени и иницијативите за подобрување на работничките права и зајакнување на солидарноста во медиумската заедница.

На средба со колегите новинари и медиумски работници во Битола ССНМ одново констатира дека постои повеќекратен пад во стандардот и условите за работа за сите во оваа индустрија, и особено во локалните гласила. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на своевидната редовна консултација со членовите, но и сите заинтересирани за работата и обврските на еснафската организација ги изнесе своите активности и предлози кои треба да се заедничка идеја на сите ангажирани во македонските медиуми.

Тоа се обидите и понудата за потпишување на Колективни договори, предлогот до владата за делумното ослободување од придонеси за сите новинари и медиумски работници, како и идејата за создавање на фонд за содржини во медиумите, но и желбата за обединувањето како единствен начин за дејствување на луѓето од оваа сфера, за солидарноста меѓу новинарите, камерманите, монтажерите, тонците и сите други, која е неопходна во обидот да се имплементираат заедничките цели.

Низ двочасовниот разговор битолските новинари и медиумски работници обзнанија дека притисокот врз нив е константен, а го создаваат политички, бизнис, интересни групи, па и други формални или неформални состави и не стивнува, туку напротив станува се посилен. Во исто време локалните медиуми, и малкуте дописништва што останаа во Битола на поголемите медиуми се соочуваат со најелементарното, а тоа се условите за работа кои во голема мера се должат и на намалениот интерес на коминтентите за рекламирање.

Оваа средба се одржа во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите на новинарите за одбрана на нивните права“ поддржан од European Endowment for Democracy.

Останати
објави