Претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници учествуваат на завршната конференција во Брисел од европскиот проект „Синдикатите за фер закрепнување“ спроведен во соработка со Европската федерација на новинари и Европската конфедерација на синдикати.
ССНМ учествуваше во проектот кој се спроведуваше во текот на 2022 и почетокот на 2023 година и чија цел беше закрепнување на синдикатите по КОВИД кризата. Во рамките на овој проект ССНМ спроведе 19 активности кои вклучуваа кампања за работничките права на новинарите и медиумските работници, обуки за активистите на ССНМ, обуки за професионални вештини и за работнички права за новинари и медиумски работници, средби со колегите од најразлични медиуми и градови, како и средби со надлежни институции. На сите овие средби и обуки учество земаа над 190 новинари и медиумски работници.
На конференцијата се обрати и претседателката на Европската федерација на новинари, Маја Север од Хрватскиот новинарски синдикат, која потенцираше дека овој проект кој беше распространет низ целиот континент придонел за подобрување на работата на синдикатите и покажал сериозни резултати, но и најважното дека додека новинарите брзаат да ја информираат својата публика забораваат на своите работнички права без кои е речиси невозможно професионално и објективно новинарство.