Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на 24 септември 2024 година во Струмица одржа обука во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“ на која присуствуваа најголемиот дел од колегите кои во моментов се активни во Струмица.
Обуката која е продолжение на серијата вакви работилници во организација на ССНМ и на Институтот РЕСИС, поддржана од Европската Унија, во продолжение содржеше и работна средба со новинарите и медиумските работници кои ги изложија своите проблеми и посочија во кој правец треба да се одвива работата на Синдикатот.
Тие испорачаа конкретни барања во делот на заштита на локалните новинари и медиумски работници, и услови за нивна работа, со потсетување дека работата им ја усложнуваат локалните власти и државните органи со создавање на паралелни ПР тимови, со што нивната активност е потценета. Колегите од Струмица велат тоа како резултат носи намалување на бројот на луѓе кои се занимаваат со новинарство и отсуство на интерес кај младите да се занимаваат со професијата која некогаш беше ценета, почитувана, па и платена.
Освен што на сесијата струмичките колеги беа потсетени на нивните работнички права, а преку излагањето на професорот на Институтот на хуманистички и општествени науки Здравко Савевски и се стекнаа и со нови сознанија од „судбоносниот триаголник“: работникот, синдикатот и правата, ги дознаа и моменталните активности на ССНМ кои во голема мера се совпаѓаат со нивните размислувања.
Обуката беше организирана во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани на настанот не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на организаторот и учесниците.