Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници заедно со партнерската организација РЕСИС го одржаа третиот работен состанок за изработка на петгодишната стратегија за дејствување на синдикатот.
На состанокот заедно со членовите на Извршниот одбор на ССНМ, извршната канцеларија, но и експерти по работнички права и слобода на медиумите беа разработувани втората и третата стратегиска цел: Консолидација на застапувачкиот фокус за правата на новинарите и медиумските работници; Конфигурација на инструментите за брза реакција.
Низ дискусијата произлегоа низа предлози и идеи за тоа во кои области треба да се сконцентрира синдикатот во наредните години со цел што поефикасно да се организира во борбата за работничките и професионалните права на новинарите и медиумските работници кои се основа за професионално и објективно новинарство.

Како што беше заклучено на работниот состанок Стратешкиот план на ССНМ треба да претставува документ патоказ, кој во себе ќе ги содржи конкретните теми и активности низ чиешто спроведување истовремено ќе се зајакнат и капацитетите на синдикатот, но и капацитетите на новинарите и медиумските работници да ги заштитат своите права.
Работниот состанок за изработка на стратегијата на ССНМ е дел од проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат ССНМ во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиран од Европската Унија.
