Камерманите и снимателите од Македонската радио-телевизија, поради бројноста, гласноста и храброста се една од најзначајните групи во Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, и затоа средбата одржана на 19 декември 2023 година во Скопје беше содржајна и плодна, и од неа произлегоа повеќе идеи.
Колегите побараа од ССНМ без оглед на тоа што сѐ уште не е репрезентативен синдикат, да ги застапува при обновување на Колективниот договор во МРТ кој истекува следната година, и во име на сите, да побара дополнување на актот со кој би биле регулирани сите недостатоци. Со тоа, убедени се колегите камермани и сниматели, ќе се подобрат нивните услови за работа, а најзначајниот медиум во Македонија ќе има полза при изработката на подобри медиумски производи.
![](https://cdn.ssnm.org.mk/wp-content/uploads/2023/12/20231219_164532.jpg)
На работниот состанок беше отворена дискусија и за евентуалните обуки кои ССНМ заедно со партнерските организации може да ги изведе, а би биле практично надградување на професионалните вештини. Во конкретниот случај колегите побараа теоретска и практична подготовка, и обука за работа со дронови.
Претставниците на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на средбата на која присуствуваа и раководни лица од секторот техника во МРТ ги нотираа барањата на врвните професионалци во својата област и ветија дека ќе бидат направени максимални напори барањата да бидат преточени во конкретни потфати.