Втора обука на ССНМ за новинари и медиумски работници од локалните медиуми

Датум

Новинари и медиумски работници од седум македонски градови во комплексот „Етно село Тимчевски“ крај Куманово на 6 и 7 јули 2024 година учествуваа на втората од низата работилници со наслов „Правата и безбедноста на новинарите од локалните медиуми и вмрежувањето како начин за акција“.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници минатиот викенд обедини дваесетина колеги од локални и регионални медиуми, како и дописници за национални медиуми кои имаа можност да споделат искуства и да слушнат за начините на борба за подобрување на професионалните и работните услови во новинарството.

Најчестите работнички права кои се прекршуваат, како и механизмите за нивна заштита беа основа на дебатата, а предавачот Неда Чаловска Димовска се осврна и на дискриминацијата и родовобазираното насилство во медиумите. Таа зборуваше и за начините за заедничка акција преку вмрежување и предупреди на неколку елементи од договорите за ангажман како конкурентска клаузула и за праксата на потпишување на бланко лист, што смета Чаловска, мора да биде избегнато бидејќи носи опасности по новинарите и медиумските работници.

На обуката беше опфатена и темата околу безбедноста на локалните новинари и медиумски работници, за која презентација имаше адвокатот Иван Брешковски, кој говореше за зачестените проблеми во овој сегмент и понуди препораки за известување од настани со висок ризик.

Учесниците на работилницата „Правата и безбедноста на новинарите од локалните медиуми и вмрежувањето како начин за акција“ на глас размислуваа и за спас на новинарството во малите градови, за стипендии како начин да се привлечат младите, но и за обезбедување на елементарните услови за работа што во продолжение ќе обезбеди нивна поголема инволвираност во медиумите во местата од кои доаѓаат, но и во медиумите со национални концесии.

Оваа работилница беше организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во рамките на под-грантот „Зајакнување на интегритетот и безбедноста на локалните новинари/ки и медиумски работници“ дел од проектот „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“ финансиски поддржан од Европската Унија, а во реализација на Здружението на новинари на Македонија и партнерските организации, Иницијативата за европска перспектива, и Европската федерација на новинари.

Останати
објави

Сподели на...