Законот за медиуми мора да биде усогласен со европските стандарди – беше заклучено на панел-дискусијата на ССНМ

Датум

На 2 декември, во организација на ССНМ и Институтот РЕСИС се одржа панел-дискусијата насловена „Зошто ни е потребен нов закон за медиуми?“

Измени на Законот за медиуми, односно нов закон кој треба да ја регулира оваа област е главниот заклучок од панел-дискусијата со наслов „Зошто ни е потребен нов закон за медиуми?“ која се одржа денес, 2 декември, во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот РЕСИС во рамките проектот „Работнички права за независно новинарство“. На панелот како дел од консултациите за тековниот процес на измени на Законот за медиуми учествуваа претставници на новинарските организации, на организациите на онлајн медиумите, медиумски експерти, како и претставници на Министерството за дигитална трансформација.

Како главен заклучок на дискутантите се издвои согласноста дека е потребно Законот за медиуми недвосмислено да ги препознае онлајн медиумите при што беа искажани различни мислења за начинот на кој тоа треба да се направи со цел професионализација на овие медиуми и создавање на соодветни услови за работа на новинарите и медиумските работници.

Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Павле Беловски истакна дека ни е потребен нов Закон за медиуми со цел да се адаптира на новонастанатата состојба, но и дека сите измени мора да бидат усогласени со европските стандарди.

„Ние предлагаме, и ова првпат го кажуваме јавно, еден вид на двојна регистрација и тоа сите онлајн медиуми да се регистрираат, се разбира оние што тоа ќе сакаат да го направат, но оние кои ќе сакаат да добијат какви и да се бенефиции, субвенции, како и да ги наречеме, државни средства тие да мораат да задоволат построги критериуми и тоа не само по бројот на вработени“, рече Беловски.

Генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез рече дека е потребен целосен ремонт на законите кои се однесуваат на медиумите и дека земјата има рок до август 2025 целосно да ја усогласи регулативата со Европскиот акт за слобода на медиумите.

„Вклучувањето на онлајн медиумите мора да се направи во строга усогласеност со европските стандарди почнувајќи со Европската регулатива за слобода на медиумите, која што има строга дефиниција за тоа што е професионален медиум. Поточно, амандманите треба да се однесуваат не на медиум, туку на она што е дефинирано во тој акт како даватели на медиумски услуги“, рече Гутиерез.

Тој додаде дека Законот за медиуми никако не смее да биде дискриминаторски, особено околу признавање на локалните медиуми или непрофитните медиуми, медиумите на заедниците кои не се во состојба да вработат две лица, како што гласи една од измените во нацрт-измените.

Претставникот на Министерството за дигитална трансформација образложи зошто е започната процедура за измени на Законот за медиуми и рече дека сите забелешки ќе бидат разгледани.

„Последните истражувања покажаа дека над 70% од јавноста се на интернет што значи дека ги користат онлајн медиумите како средство за нивно информирање па оттука се наметна и потребата онлајн медиумите да бидат дел од законското решение за да се стави ред во оваа област и да придонесе за зајакната конкурентност во медиумскиот простор“, рече Мишко Талевски од Министерството за дигитална трансформација.

Претставникот на здружението Онлајн Медиа, Бранко Героски рече дека нерегулирањето на онлајн медиумите е сериозен проблем кој треба да се адресира.

„Законот за медиуми ваков каков што е дефинитивно е дискриминаторски кон онлајн медиумите. Сегашниот закон во основа е добар закон, но има една позначајна маана, а тоа е дека не ги признава онлајн медиумите“, рече Бранко Героски од Онлајн Медиа.

Драган Секуловски од Здружението на новинари на Македонија рече дека започнатиот процес за измени на законот е добар и е можност за исправка на грешки што се провлекувале од порано.

„Намерата за измени во законот е добра и затоа ЗНМ и синдикатот недвосмислено го поддржуваат предлогот за интервенции во законот со кои што ќе се креира таканаречен волонтерски регистар и онлајн медиумите ќе имаат прилика да бидат верифицирани, односно оние кои исполнуваат одредени услови“, рече Секуловски.

Експертката за медиуми, Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС рече дека дополнувањето и усогласувањето на Законот за медиуми е потреба која не смее да се занемари и остави на парцијални решенија.

„Онлајн медиумите воопшто не се опфатени со овој концепт и потребно е да се внесат во медиумската регулатива. Но, сегашните одредби од двата закона не се доволни, односно треба да се подобрат и дополнат. Сметам дека треба да се внесат и општи одредби со кои на граѓаните им се гарантира пристапот до независни и разновидни медиуми, како и посебни одредби за заштита на медиумскиот плурализам во сите медиумски сектори“, образложи Трпевска.

Панел дискусијата се одржа во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“ спроведуван од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во партнерство со Институтот РЕСИС, а поддржан од Европската Унија.

Останати
објави

Сподели на...