По повод одбележување на 2-ри ноември, Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата извршени врз новинари, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) продуцираа поткаст емисија на тема: „Борбата за новинарство БЕЗ ЦЕНЗУРА – Борба за безбедност на новинарите“.
Актуелните предизвици, социо-економските прашања, почитувањето на етичкиот кодекс на новинарите, како и неказнивоста беа теми на разговорот кој што го водеа претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, претседателот на ССНМ Павле Беловски, претседателката на СЕММ Леунора Калиќи и новинарката Ферикан Илјази, а во улога на модератор на поткастот беше колегата Мефаил Исмаили.
Во текот на разговорот беше потенцирано дека новинарите и медиумските работници играат клучна улога во нашата земја како чувари на јавниот интерес, а новинарската професија е важен дел на секое демократско општество. Оваа година споредбено со минатите, новинарите често се соочуваат со вербални и физички напади само поради вршење на своите професионални обврски, додека насилниците остануваат неказнети. Важно е да се истакне дека неказнивоста неминовно води кон самоцензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја лишува јавноста од правото да биде информирана.
Потребно е градење на поголема солидарност помеѓу еснафот во насока на подигнување на свеста за условите за работа како и за безбедноста на новинарите и медиумските работници. Само со воведување и практикување на политика на казнивост од страна на државните органи кон напаѓачите или заканувачите ќе се воспостави позитивна пракса.
Единствено преку строга санкција на нападите и заканите од страна на институциите во иднина ќе може да се спречат напади и закани кон новинарите. Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите. Тоа е основен предуслов за подобрување на состојбата со слободата на говорот.
Ставањето крај на неказнивоста за насилството кон новинарите е фундаментален чекор во заштитата на слободата на медиумите, поддршката на демократијата, обезбедувањето правда и поттикнувањето на транспарентноста и одговорноста. Тоа е суштински дел од градењето на праведно и просперитетно општество.
Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата извршени врз новинари – 2-ри ноември, е признаен од страна на Обединетите нации. Овој ден се одбележува за да се сврти вниманието на прашањето за неказнивост, што се однесува на неизведувањето пред лицето на правдата на сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници.
Целосното видео од поткастот може да го погледнете во продолжение.