Синдикатот на новинари и медиумски работници обезбеди попуст од 50% на месечните персонализирани билети за користење на јавниот превоз во Град Скопје за своите членови. По потпишаниот меморандум за соработка со Градот Скопје и договорот со ЈСП Скопје оваа услуга може да се користи од 1 јуни 2019 година. Условот за добивање ваков билет е подмирена членарина во ССНМ за месецот за кој се купува месечниот билет. Во овој случај, месечниот билет е поевтин за 50 отсто од редовната цена и чини 700 денари за градски линии, односно 800 денари за сите линии (градски и приградски) со неограничен број возења, секојдневно во период од 5 до 24 часот.
За оние кои веќе поседуваат персонализиран билет, а сакаат да ги користат поволностите со членството во ССНМ, потребно е само да приложат на увид членска книшка на ССНМ (со печат/дата за месецот за кој се однесува купениот билет) и да го платат билетот.
Лицата кои прв пат ќе вадат персоналиизран билет, неопходно е да донесат фотографија, да приложат на увид лична карта и еднократно да платат 200 денари за персонализирана „Скопска“ и 700 (800) денари за билетот.
ССНМ изразува благодарност до Град Скопје за остварената соработка како и за покажаното чувство за работата на новинарите и медиумските работници во едно демократско општество.