- +389 2 2671 201
- contact@ssnm.org.mk
- бул. „Св. Климент Охридски“ бр. 58-Б, Скопје
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ја препозна потребата за организирање на новинарките и медиумските работнички во неформална мрежа за јакнење на положбата на жените во медиумите и нивна заштита од дискриминација, навреди, закани.
Новинарките и медиумските работнички во Македонија трпат повеќе онлајн и физички закани и напади од мажите. Ова го потврдува процентот на пријавени напади од страна на новинарките до новинарските здруженија, но и анкетите за безбедноста на новинарите спроведени во изминатиот период, што ја покажува ранливоста на жените вработени во медиумската сфера.
Закани по живот на „Фејсбук“, нападнати новинарки од сопственик на берберница во Скопската чаршија за време на снимање на емисија на јавна површина, експлицитна онлајн закана кон новинарка на „Фејсбук“, вербален напад и погрдни зборови кон новинарка откако побарала одговори на прашање, закани и навреди кон новинарка, неовластено следена и снимана новинарка, а видеото е дистрибуирано до медиумите, се само некои од случаите за закана по безбедноста и интегритетот на новинарките регистрирани од Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во изминатите три години.
Истовремено институциите не се покажаа како вистински заштитници на интегритетот и дигнитетот на жените во медиумите, работната средина не ја спречи дискриминацијата кон нив, што водеше кон нивна сѐ поголема несигурност и страв за себе, што од друга страна ги охрабруваше сите оние, во онлајн просторот или во живо, кои им се закануваа, напаѓаа, навредуваа, потценуваа и омаловажуваа, дека тоа можат слободно и неказнето да го прават.
Ваквата состојба природно ја наметна потребата, кај жените вработени во медиумите, од самоорганизирање за своја заштита, поддршка, намалување на јазот меѓу нив и мажите на работното место и во работниот процес, но и во односот на јавноста кон нив. Потребата од тоа некој гласно да проговори за нивните проблеми и стравувања, ја препознаа во себе, но и силата дека само тие можат да се изборат за своите права и подобрување на положбата и позицијата, и во медиумите и во општеството.
Женската медиумска мрежа – Еднаква е неформална мрежа која ја обединува женската сила во медиумите и дава одговор на секоја форма на насилство. Се бориме против закани, напади, навреди, потценување, сексизам, дигитално насилство и дискриминација кон жените во медиумите само поради тоа што се жени. Еднаква е отворена платформа за секоја новинарка, медиумска работничка и другите жени вработени во медиумите.
Мрежата се залага за унапредување на родовата рамноправност во медиумите преку застапување на еднаков пристап во поделба на раководните позиции, правично вреднување на нивната работа и безбедна работна средина која нуди солидарност, почит, поддршка и разбирање.
Стремиме кон рамноправна, правична и инклузивна медиумска средина, каде жените се еднакво застапени, зајакнати и позиционирани на лидерски улоги, обликувајќи го јавниот и медиумскиот дискурс и влијаејќи на општествените промени. Делуваме за свет каде што гласовите, перспективите и придонесите на жените со сите нивни различности се вреднуваат и почитуваат во секој сегмент на функционирањето на медиумите, поттикнувајќи побалансирано и порамноправно општество.
Создаваме инклузивна и поддржувачка средина за жените во медиумите, преку активно заговарање на правата и потребите, како и подигнување на свеста за родовобазираната дискриминација и насилство. Работиме на уривање на табуата и предрасудите во медиумите и општеството. Ја зајакнуваме улогата на жените во медиумската индустрија преку здружување, соработка, застапување и едукација.
Зачленувањето во мрежата е бесплатно. Повеќе детали наскоро.
Новинарките се меѓу најзагрозените на социјалните мрежи. Целта е секогаш да се наруши личниот интегритет на новинарката или медиумската работничка. Да се поткопа нејзината работа со нарушување на личниот интегритет. И секогаш се тоа навреди упатени кон женскиот род, вели новинарката Марија Митевска во интервјуто за Слободна ТВ достапно во продолжение.
Дека жените во медиумите се почесто цел на напади, притисоци, сексизам, мобинг, од мажите потврдува и статистиката. Податоци од обемното истражување кое во 2023 година го спроведоа ССНМ и РЕСИС, покажува дека од 343 анкетирани новинари 4,2 проценти од жените, наспроти 1,7 проценти од мажите, многу често доживеале јавна дискредитација. Дека понекогаш биле демнети пријавиле 5,9 од новинарките, наспроти 3,4 проценти од нивните машки колеги. И мобингот на работното место е почест кај жените во медиумите отколку кај мажите, па така често или многу често мобинг пријавиле дека доживеале 7,6 проценти новинарки и медиумски работнички, наспроти 4,3 проценти од мажите во медиумите. Дваесет и седум проценти од новинарките пријавиле дека трпат силно влијание во нивното работење од нивните надредени уредници, додека 21 процент пријавиле влијание од менаџерите.
Внеси ја твојата е-пошта и добивај го месечниот билтен на ССНМ, со кој секогаш ќе бидеш информиран за најновите активности на Синдикатот.
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници
За да Ви овозможиме персонализирано корисничко искуство на сајтот, користиме технологии како „колачиња“ за складирање на и/или пристап до информации за Вашиот уред. Давањето согласност за користење на овие технологии ќе ни овозможи да процесираме податоци што не Ве идентификуваат директно, но ја подобруваат работата на нашиот сајт. Недавањето согласност или повлекувањето на согласноста може негативно да влијае на одредени карактеристики и функции на сајтот.