„Еднаква“ повикува: Потребна е видлива, солидарна и институционално поддржана борба за родова еднаквост и заштита од насилство на жените во медиумите

Датум

Родовата нееднаквост, несигурните услови за работа и недостигот од институционална поддршка се меѓу најгорливите проблеми за жените во медиумите. Мрежата „Еднаква“ повикува на солидарност, формализирање и активна заштита на новинарките од закани, дискриминација и насилство.

Во организација на Женската медиумска мрежа „Еднаква“ во рамките на активностите на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, денес во Скопје се одржа состанок на тема „Процеси и структури за обезбедување родова еднаквост, справување со насилството и вознемирувањето врз жените новинарки“, во рамките на проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“. На средбата присуствуваа новинарки и медиумски работнички кои слушнаа повеќе за делувањето на „Еднаква“ и споделија предизвици и решенија кои треба да се дел од следните активности на ова неформално тело.

Тие дискутираа за нееднаквоста во медиумската сфера, потребата од засилување на синдикалното организирање, но и за следните чекори кои ќе носат кон формализирање на мрежата и кои ќе овозможат конкретна институционална поддршка при закани и напади.

Вкоренетата родова нееднаквост во медиумскиот сектор, каде жените, иако бројно се значајно застапени, често се наоѓаат на пониски позиции, имаат помал пристап до одлучувањето и се мета на почести и поинтензивни онлајн и офлајн напади. Недостатокот на формални механизми за заштита, како и слабата институционална поддршка, особено во случаи на закани, навреди и дискриминација, ја зголемуваат ранливоста на жените во медиумите. Дополнително, многу новинар(к)и, особено во помалите места на локално ниво, работат без формален договор, со ниски приходи и без социјална заштита, што уште повеќе го продлабочува родовиот јаз.

Присутните дискутираа и за потребата од градење на капацитетите на новинарки за справување со секундарна виктимизација и известување од ризични подрачја, како и етичко новинарство. Понатаму, беше сугерирано креирање на кампања на социјални мрежи за зголемена видливост на мрежата и едукација на јавноста за улогата и предизвиците на новинарките. Меѓу клучните точки беше и темата да се вклучат сопствениците во медиумите кон сензитизација на темата, но, и потребата од поголема солидарност и одговорност кај уредничките и уредниците во медиумите, особено кон новинарки кои се наоѓаат во несигурни работни односи. Едно од решенијата беше да се застапува идејата за модел сличен на оној за слободни уметници – преку кој би се овозможиле платени придонеси за фриленс новинар(к)и.

Средбата посочи и потреба од вклучување на организации и иницијативи кои се сродни со ставови и вредности во делот на унапредување на родовата еднаквост, а кои немаат предзнак во медиумската сфера, туку повеќе се насочени кон заштитата на човековите права и слободи.

Присутните ја истакнаа и недоволната солидарност помеѓу жените во медиумите, повикувајќи на меѓусебна поддршка, особено од оние на раководни позиции. Посочено беше и дека жените новинарки се први на удар на онлајн напади, особено при јавни ставови за чувствителни теми.

Состанокот заврши со иницијатива за следни активности кои ќе се однесуваат на овозможување финансиска поддршка и ќе функционира како засолниште за новинарки во ризик.

Средбата се одржа во рамките на проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“ во партнерство со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, а поддржан од Union to Union и Меѓународната федерација на новинари.

Останати
објави