Новинарките и медиумските работнички се почесто се мета на онлајн напади и вознемирувања, особено доколку известуваат за некоја чувствителна тема или, пак, искажат свој став. Ваков беше заклучокот на новинарките кои на средбата на 15 јули организирана од Женската медиумска мрежа „Еднаква“ во рамките на активностите на ССНМ разговараа како да се подобрат условите за работа на медиумските работнички и на кој начин „Еднаква“ може да придонесе во тоа.

На средбата се заклучи дека на голем дел од новинарките и медиумските работнички сајбер насилството им е толку секојдневно што доколку не се работи за некоја страшна закана, воопшто не ни пријавуваат во надлежните институции. Посочено беше и дека бирократските процедури за пријавување и малкуте решени случаи дополнително ги демотивираат да пријавуваат.

Од разговорот произлезе и препорака да се поедностави процедурата за пријавување на онлајн вознемирување во Министерството за внатрешни работи и да се обезбеди поголема институционална поддршка при закани и напади на новинарките и медиумските работнички.

Како дел од препораките произлезе и дека треба да се спроведе поголема кампања со која ќе се зголеми видливоста на мрежата, а со тоа и дополнително ќе се едуцира јавноста за секојдневните предизвици со кои се соочуваат новинарките и медиумските работнички.
Средбата се одржа во рамките на проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“ во партнерство со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, а поддржан од Union to Union и Меѓународната федерација на новинари.