Поедноставување на процедурата за пријавување во МВР на онлајн вознемирување на новинарките и медиумските работнички и поголема соработка со институцијата во борбата со, за жал, сѐ почестите вакви случаи е една од препораките кои произлегоа од средбата на женската медиумска мрежа „Еднаква“ одржана на 3 јули. Во процесите и структурите за обезбедување на родова еднаквост, справување со насилство и вознемирување на новинарките, се наметна и потребата од зајакнување на свеста за пријавување на ваквиот тип на закани и притисоци во мрежата и натамошно нивно адресирање и следење во постапувањето од страна на надлежните институции.

Присутните колешки ги покренаа и прашањата за социјалната положба на жените во медиумите, пред сѐ фактот дека сѐ уште има вработени кои се пријавени на минималец, на кои не им се исплаќаат дежурства, како и разликата во платите со нивните колеги.
Средбата се одржа во рамките на проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“ во партнерство со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, а поддржан од Union to Union и Меѓународната федерација на новинари.

