Информативната војна за вистината меѓу двете страни се води на повеќе нивоа. Тимот за проверка на факти на „Дојче веле“ состави листа со дел од лажните тврдења и пропаганда од двете страни, откривајќи што се крие зад нив.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, на 24 февруари, на интернет беснее информативна војна. Таа битка за вистината се води на повеќе нивоа. Тимот за проверка на факти на „Дојче веле“ (ДВ) состави листа со дел од лажните тврдења и пропаганда од двете страни, откривајќи што се крие зад нив.
Забелешка: Оваа статија постојано се ажурира и последен пат беше ажурирана на 12 мај.
По повод годишната воена парада на Црвениот плоштад во Москва, рускиот претседател Владимир Путин упати сериозни обвинувања против Украина и Западот. „Дојче веле“, преку проверка на факти, испитува некои од клучните изјави во говорот на Путин на 9 мај.
Украинско нуклеарно оружје?
Тврдење: „Во Киев најавија можна набавка на нуклеарно оружје. Блокот на НАТО започна активен воен развој на териториите што граничат со нас“, рече Путин во својот говор.
Проверка на факти од ДВ: Неточно.
Образложение: Путин најверојатно се осврна на говорот на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Минхенската безбедносна конференција во минатиот февруари. Во него, Зеленски го спомена Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, кој гарантира дека суверенитетот и националните граници на Украина, на Белорусија и на Казахстан се почитуваат од државите потписнички, меѓу кои се САД, Велика Британија и Русија.
Украина, во замена на тоа, се обврза да ѝ го предаде на Русија своето нуклеарно оружје наследено од Советскиот Сојуз или делумно да го уништи. Бидејќи руската анексија на Крим во 2014 година го наруши украинскиот суверенитет, Зеленски во Минхен навести дека ќе се повлече од договорот. Сепак, до денес нема докази што сугерираат дека Киев проактивно се обидува да набави нуклеарно оружје, како што докажува и проверката на факти на ДВ.
Нема докази за неизбежна „инвазија“ на Крим од Украина
Тврдење: Русија, според Путин, спроведува превентивна „воена операција“ против Украина. Украина, рече тој, отворено се подготвила за нова „казнена операција во Донбас“ и „инвазија“ на „историски руски територии, вклучувајќи го и Крим“. Земјите на НАТО ќе ѝ дадат најсовремено оружје на Украина, додаде Путин.
Проверка на факти од ДВ: Неточно.
Образложение: Украинското раководство неколкупати нагласи дека бара дипломатско, а не воено решение на конфликтот во Донбас, порака што ја прати и претседателот Зеленски на Минхенската безбедносна конференција непосредно пред избувнување на војната.
Кога Русија ги распореди своите трупи долж украинската граница во есента 2021 година, немаше знаци за неизбежна украинска офанзива. Ова важи и за анектираниот Крим. Од 2014 година, Русија го претвори полуостровот во де-факто воена тврдина и го опреми со најсовремено оружје. Украинските вооружени сили немаат такво оружје и се многу побројни од руските трупи на Крим.
Дека споменатите територии се „историски територии“ на Русија е исто така неточно, како што покажува проверката на фактите на ДВ: Според меѓународното право, и Крим и териториите во Донбас ѝ припаѓаат на Украина. Во резолуцијата на Обединетите Нации (ОН) од 2020 година беше наведено дека Генералното собрание ја осуди анексијата на Крим и дека тоа нема да биде признато.
Обновени неонацистичките обвинувања за Украина
Тврдење: Путин повторно обвини дека „неонацисти“ ја управуваат Украина со кои судирот би бил „неизбежен“. Подоцна во говорот, тој зборуваше за цивили во Донбас кои „умреа како резултат на непромислено гранатирање и варварски напади на неонацистите“.
Проверка на факти од ДВ: Неточно.
Образложение: Поистоветувањето на Украина со „неонацистите“ е тврдење кое постојано го повторува Путин, неговата влада, како и руските државни медиуми, кое, сепак, е лажно.
Но, споредбата меѓу нацистичка Германија до 1945 година и демократски избраните лидери на Украина во сегашноста е очигледно погрешна, се наведува во проверката на фактите на ДВ. Во Украина не постои тоталитарен систем, ниту пак на власт има екстремно десничарски сили.
На последните парламентарни избори во 2019 година, обединетиот фронт на екстремно десничарските партии доби само 2,15 отсто од гласовите.
Лажно прикажување на дијалогот меѓу Русија и НАТО
Тврдење: „Минатиот декември предложивме да направиме договор за безбедносни гаранции. Русија го повика Западот да се вклучи во искрен дијалог, да најде разумни компромисни решенија, да ги земе предвид заедничките интереси. Залудно. Земјите на НАТО не сакаат да не слушнат, што значи дека тие всушност имале сосема различни планови“.
Проверка на факти на ДВ: Заблуда.
Образложение: Претседателот Владимир Путин се осврнува на списокот со барања што Русија ги испорача до НАТО на 17 декември 2021 година, во пресрет на војната во Украина. Во него беа вклучени осум барања за кои земјите од НАТО и Русија требаше да се договорат за избегнување на конфликт.
Земјите од НАТО реагираа на писмото на почетокот на 2022 година. На пример, САД и нивните сојузници поднесоа предлози за смирување на кризата. Сепак, Алијансата ги отфрли главните барања, како што е давање зона на влијание во соседството на Русија. Секоја држава треба да има право сама да одлучува за своите сојузи.
Приказот на Путин за дијалог меѓу Русија и НАТО, во пресрет на војната во Украина, е едностран и погрешен.
Руски воз со оружје не бил саботиран од партизани
Тврдење: Нашироко се споделуваше видео што покажуваше воен воз кој излетал од шините, наводно на пат кон Украина. Се вели дека местото на настанот е во Бријанск, кој е на нешто повеќе од 100 километри од украинската граница. „Тие (се мисли на Русите), не успеваат ни да ја превезат својата опрема (забелешка на уредникот)“, се потсмеваше еден корисник на Твитер, а за другите корисници случајот е јасен: „партизани“ го саботираа рускиот воз.
Проверка на факти од ДВ: Неточно.
Образложение: Видеото нема никаква врска со војната во Украина и направено е одамна, покажува проверката на факти на ДВ. Направивме скриншот од видеото и потоа го искористивме за да извршиме обратно пребарување на слики.
Резултат: Најстарите верзии на видеото датираат од 2017 година, а локацијата на настанот е на 6000 километри оддалеченост од Бријанск.
Видеа со радости од воен успех
Тврдење: Неофицијална страница на Твитер со над 450.000 следбеници, кои ги поддржуваат вооружените сили на Украина (@ArmedForcesUkr), објави кратко видео на кое наводно се прикажани успеси на украинската војска против руската армија.
Проверка на факти на ДВ: Заблуда.
Образложение: „Дојче веле“ утврди дека шест од инцидентите во видеото се пред руско-украинската војна во 2022 година и покажуваат конфликти во други региони. Една од тие сцени всушност покажува руски снајперисти во Сирија. Останатите 10 инциденти можеби се легитимни, но не можат да бидат 100 отсто потврдени.
„Живи трупови“ во Буча
Тврдење: Официјалните руски и проруски сајтови тврдат дека убиствата и сликите со мртви тела во Буча биле исценирани. Наводно на едно видео од Буча се гледаат луѓе кои се преправаат дека се трупови.
Проверка на факти од ДВ: Неточно.
Образложение: Видео анализата покажува дека телата на видеото не се движат – тоа е само оптичка илузија. Анализите на други медиуми дојдоа до ист заклучок.
Русија бомбардира градови во Украина
Тврдење: Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, изјави дека Русија не бомбардира градови во Украина. Таа тврди дека фотографиите на кои се прикажани нападите се манипулирани видеа од земјите на НАТО.
Проверка на факти од ДВ: Неточно.
Образложение: Руските напади врз цивили и невоени цели во Украина се добро документирани. Длабинското видео за проверка на фактите на ДВ за руско-украинската војна (види подолу) наведува неколку примери. Два доверливи извора кои следат извештаи за цивилни жртви во Украина се истражниот сајт Bellingcat и Високиот комесаријат за човекови права на ОН (OHCHR).
Русин убиен од украински бегалци во Германија?
Тврдење: Жена во видео на TikTok рече дека 16-годишен бегалец, роден во Русија, бил претепан од украински бегалци на железничка станица во западниот германски град Ојскирхен. Момчето наводно починало од повредите.
Проверка на факти од ДВ: Неточно.
Образложение: Обвинението беше лажно, како што е покажува проверката на факти. Локалната полиција потврди дека не се случило такво злосторство и побара снимката да биде отстранета. Жената подоцна се извини преку друго видео, велејќи дека била измамена од познаник.
Изненадувачки видеа на Путин и на Зеленски
Тврдење: Во едно видео, украинскиот претседател, Володимир Зеленски се чини дека објавува капитулација на неговата земја. Во друго видео, рускиот претседател Владимир Путин изгледа како да најавува мир со Украина.
Проверка на факти од ДВ: Неточно.
Образложение: Видео анализата на ДВ откри дека двете видеа се лажни. Високо сложени компјутерски програми (машинско учење) се користат за генерирање на видео и на звук од други извори за да се создаде, речиси, убедлив впечаток.
Старата снимка од експлозија прикажана како нова
Тврдење: Лице во видео на ТикТок покажува огромна експлозија што наводно се случила во источниот украински град Харков. Истата снимка е споделена и на Фејсбук, овојпат во обид да прикаже наводно бомбардирање на „Украинскиот штаб“, како што се наведува на видеото.
Проверка на факти од ДВ: Неточно
Образложение: Снимката е направена во Либан и ја прикажува огромната експлозија во пристаништето во Бејрут во август во 2020 година, како што покажа видео за проверка на факти на ДВ за Украина. Директната споредба на видео секвенците го докажува оригиналниот извор без сомнение.
Фото: Pixabay
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.
