Битката помеѓу медиумите и политиката

Датум

Растечките тензиите помеѓу интересот на медиумите и политиката претставуваат сериозна закана за европската демократија. Едиторијал на Могенс Блишер Бјерегард, Претседател на Европската федерација на новинари (ЕФЈ), првично објавен од Osservatorio Balcani e Caucaso

Низ Европа, политичкото сфаќање за влијанието на новинарството и важноста на слободните медиуми за демократијата се чини дека е во опаѓање. Ако погледнеме наоколу, можеме само да го осудиме сè поголемиот расчекор помеѓу медиумите како фундаментален столб на нашата демократија и популистичките политичари кои сè почесто ја критикуваат, па дури и нарушуваат слободата на медиумите кога не можат да ги користат како пропагандни машини.

Видливи примери се обидите за поткопување на јавните медиумски сервиси во земјите од Источна Европа, како финансиски така и политички. Тоа се случи во Полска лани, кога конзервативната десничарска влада, преку ноќ, го промени законот и ја смени раководната структура на јавната телевизија што резултираше со замена на новинари, очигледно поради нивното независно новинарство. Слични состојби се забележуваат во земјите од Западен Балкан, каде промените во системите за лиценцирање се, исто така, начин да се стави притисок врз медиумите.

Меѓународниот институт за печат неодамна објави статија за состојбата во Словачка, каде премиерот јавно ги критикува новинарите „потсетувајќи“ ги дека кога зборуваат со него, тие не се на „исто ниво“ и дека новинарите кои работат во јавните медиуми треба првенствено да им бидат лојални на оние кои ја водат земјата.

Во земји како Македонија и Црна Гора, истражувачки новинари се затвораат затоа што ја вршат својата работа и кривично се гонат под повеќе или помалку лажни обвиненија.

Многу полоша е состојбата со слободата на медиумите во Азербејџан и Турција, каде новинарите се носат пред судови само затоа што известуваат за случаи на корупција, па дури и поради тоа што објавиле твитови за прашања или состаноци поврзани со опозициските групи.

Ризикот од сокриените информации

Такви конфликтни ситуации помеѓу медиумите и политиката не се слууваат само во Источна и Југоисточна Европа. Во Велика Британија, таканаречениот Snooper’s Charters Bill  стана закон кој ќе има огромно влијание врз новинарството бидејќи и изворите и новинарите ќе бидат соочени со казни затвор од до 14 години за откривање или користење тајни документи.

Уште полошо за нашите демократии е што еден таков закон може да ги спречи и новинарите и нивните извори да откриваат важни информации во јавноста кои според европските стандарди и вредности се од јавен интерес за граѓаните да земат учество во демократските институции. Денес, ризикуваме таквите информации да бидат сокриени со самоцензура.

На Европа ѝ е потребно нешто сосема спротивно од судењето за Луксликс, каде Антоан Делтур и Рафаел Халет ги понесоа, како свиркачи, ризиците и одговорностите од откривањето важни информации преку новинари и медиуми во интерес на јавното мислење. Независно од големата важност на случајот и независно од тоа што дури и судиите беа засрамени од својата одлука, Делтур и Халет добија казна, наместо да бидат заштитени и пофалени за нивната улога.

Директива на ЕУ за заштита на свиркачите

Најзначаен исход од овој судски случај се надеваме ќе биде директива на ЕУ за заштита на свиркачите.

Подетална анализа на европското законодавство покажува дека уште многу треба да се направи пред новинарите да можат побезбедно да работат во однос на заканите од властите, како и дека таквите закони многу ретко се користат.

Уште една студија на Меѓународниот институт за печат и ОБСЕ покажува дека 24 земји-членки на ОБСЕ, половина од кои се членки на ЕУ, нудат посебна заштита на угледот и честа на шефовите на нивните држави со затворска казна како потенцијална санкција во некои земји. Меѓу нив е Турција, но и земји како Холандија, Данска и Германија.

Истражување во Европа дава шокантни резултати

Ново истражување за општата состојба во Европа, Новинари под притисок, објавено од Советот на Европа, покажува дека имаме сè поголем проблем во голем број земји каде постои зголемен притисок врз новинарските извори. Тоа е резултат на таргетираниот надзор кој се врши врз новинарите, а изнесува 4 од 10 новинари во текот на изминатите три години. Во истиот период, 43% од анкетираните новинари биле заплашување од страна на политички групи. Само еден од десет новинари смета дека е заштитен од таргетиран надзор.

Анкетата дава многу интересни факти:

  • 30 проценти ублажуваат чувствителни, критични стории
  • 23 проценти не ги откриваат сите информации
  • 19 проценти ја обликуваат содржината во согласност со интересите на компанијата

 

При посетата на еден работен семинар во Србија минатата година, сфатив колку е тешка ситуацијата во неколку земји од Западен Балкан:

  • Некои новинари не земаат плата со месеци и покрај тоа што станува збор за неколку стотина евра
  • Во Македонија, новинарите штрајкуваа со недели поради неисплатени плати
  • Социјален дијалог речиси и да не постои бидејќи и локалните сопственици и европските прекугранични сопственици профитираат од избегнувањето на колективни договори
  • Фриленсерството и прекарната работа се често вообичаен начин на заработка на новинарите
  • Новинарите не веруваат дека сопствениците на медиумите ќе ги заштитат во случаи на насилство

Таквата средина не е поволна за квалитетно новинарство општо, и конкретно за истражувачко новинарство. За да преживеат во професијата, многу новинари прават едностана проценка на ризикот и го самоцензурираат своето новинарство.

Дијалогот е клуч

Сите партии, сопственици на медиуми, уредници и новинари мора да ја стават настрана меѓусебната недоверба бидејќи само преку партнерство може да се направи вистинска промена.

За тоа да се постигне, од клучно значење е да се разбере важноста на социјалниот договор. Неодамна објавениот зелен документ од канцеларијата на комесарот на ЕУ Мариен Тисен содржи важни елементи за кои ние, како синдикати во една креативна индустрија, треба да се грижиме.

Препораките за социјална заштита помеѓу сите работници, вработени и фриленсери, е алатка која треба да ја усвоиме преку создавање на оперативни механизми.

Тоа може да го промени значително животниот стандард, социјалниот дијалог и меѓусебното разбирање во индустријата.

Во претстојната година, Европската федерација на новинари (ЕФЈ), заедно со Советот на Европа и голем број партнери ќе ја стави темата „Медиумите и политката во конфликт“ на агендата која ќе се дебатира низ цела Европа, а ќе кулминира со конференција на високо ниво во Гдањск во текот на првите месеци од 2018 година, проследена со дополнителни активности.

Сите страни мора да бидат дел од решението: медиумските работници, сопствениците на медиуми, политичарите, властите и јавните мислења.

* Могенс Блишер Бјерегард е Претседател на Европската федерација на новинари (ЕФЈ) од мај 2013 година. Тој е член на Советот на Бирото на меѓународната програма за развој на комуникации (IPDC) на УНЕСКО од 2014 година и Потпретседател на Меѓународната медиумска поддршка (IMS). Тој е претседател на Данскиот синдикат на новинари (DJ) од 1999-2015 година. Блишер Бјерегард успешно го водеше DJ како силен синдикат со значителен годишен пораст на бројот на членството.

Останати
објави

Сподели на...