Брак од корист – врска помеѓу донаторот и новинарството

Датум

Од Анја Шифрин

Влијанието кое рекламирачите и сопствениците го имаат врз уредувачката политика е добро документирано, но што се случува кога финансиерот е добронамерна фондација во мисија да го промени светот? Навистина, во изминатите години бевме сведоци на сè повеќе алтернативни сценарија за финансирање на новинарството кои вклучуваат директно финансирање на медиуми и индивидуални новинари од страна на приватни фондации.

На пример, фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс обезбеди фондови за медиумите за покривање на маларијата, што е дел од нејзините напори за искоренување на болеста. На прв поглед, врската има смисла: непрофитните организации и многу новинари наводно работат за поголемо добро. Меѓутоа, дали тоа создава нови, неистражени конфликти на интереси кои ја загрозуваат независноста на медиумите?

Во 2015 година, заедно со тим на димпломци-истражувачи од Факултетот за меѓународни и јавни работи при Универзитето Колумбија, започнав да ги проучувам односите помеѓу донаторите и новинарите. Како дел од студијата, спроведовме повеќе од 70 интервјуа со новинари и финансиери во 15 земји од целиот свет. CIMA ќе го објави целосниот извештај есенва, но како што дискусијата за потребата од кодекси на однесување за новинарите и донаторите добива замав, сакав да споделам некои од првичните наоди.

Јасно е дека некогашната граница во редакциите помеѓу новинарската и деловната страна на многу места е избришана и повеќе не се враќа. Многу од новите дигитални медиуми кои зависат од парите на донаторите се водени од луѓе кои истовремено собираат финансии и работат како новинари. Тие неизбежно го договараат со донаторите видот на содржините кои донаторите би сакале да бидат објавувани.

Други клучни наоди:

  • Постои значително и разновидно финансирање и за развој на медиумите и за продукција на вести, со малку координација помеѓу донаторите. Ниту пак се чини дека постојат универзално договорени стандарди на однесување или процеси, иако значително мнозинство од испитаниците ја поддржаа идејата за добороволни кодекси на однесување.
  • Постојат многу различни идеи за тоа што значи медиумска „независност“, каде е линијата, и колку често таа се преминува. Нема ниту униформирани стандарди за откривање и транспарентност.
  • Вклученоста на донаторите подразбира утврдени насоки во однос на темите кои треба да се покриваат, предлозите за стории, совети за извори кои треба да бидат вклучени или изоставени, и последователна анализа на влијанието.
  • Ветераните во новинарството велат дека денес донаторите се повеќе вклучени во изборот на содржинитие во споредба со, да речеме, пред 10-20 години.

Ако сакаме да ја заштитиме независноста на редакциите од донаторите кои носат уредувачки одлуки, мора да се постават нови структурни бариери – нови ѕидови кои ќе го заменат стариот помеѓу новинарската и деловната страна кој е веќе урнат. Меѓутоа, донаторите треба веројатно да бидат тие кои ќе ги постават таквите механизми бидејќи се поголеми, имаат поголемо влијание и оттука и можност тоа да го сторат. Денешните нови медиуми немаат повеќе од неколкумина луѓе кои собираат средства и пишуваат нарачани стории, па не е реално од малите редакции да се очекува да подигнат големи ѕидови и структури.

Постојат повеќе начини на кои редакциите може да применат класични практики на финансирање „на дистанца“ со цел да ја зачуваат независноста. Нашиот извештај содржи голем број најдобри практики од светот, како и поглед на институциите кои ги земаат парите на донаторите но остануваат верни на нивната суштинска мисија:

  • Универзитетите бараат неограничени фондови кои можат да ги трошат како што сметаат дека е соодветно.
  • Светската банка става пари во трустови, кои имаат сопствени механизми за трошење.
  • Некои организации користат „слепи поротници-новинари“ кои носат одлуки за тоа кои новинари ќе добијат грантови, на кој начин го изолираат новинарот од желбите на донаторот.
  • Организациите исто така користат трети страни, кои ги нарекуваме посреднички организации, за распределба на грантови.

Многу публикации финансирани од донатори откриваат важни стории под будното око на предоминантните медиуми. Меѓутоа, како што се засилуваат врските помеѓу донаторите и медиумите, а со тоа и уредувачкото влијание на фондациите, од основно значење е да се знае како овој финансиски модел влијае на информациите кои ги добива општеството.

Анја Шифрин е Директор на Програмата за медиуми и технологија на Факултетот за меѓународни и јавни работи при Универзитетот Колумбија.

Останати
објави

Сподели на...